Нов подвиг за почит на алпинистката Илина Арсова

Македонската алпинистка Илина Арсова повторно освои нови височини, споделувајќи дел од својата најнова авантура на Андите. Според неа, престојот таму е „вистинска храна за душата“, спој од моќни планини, богата традиција и искуство во алпинизмот.

Во текот на ова лето, Арсова успешно се искачи на два нови врва, Јанапача (5.460 метри) и Чопикалки (6.354 метри). Во експедицијата ѝ се придружиле нејзината пријателка Кори и мала група алпинисти.

За Илина, враќањето на Јанапача имало и емотивна димензија. Пред осум години била во базниот камп, но поради обилните дождови и тоа што тогаш не било сезона за искачување, воопшто не стигнала до глечерот. Овојпат, тимот избрал рута по планинскиот срт. Токму таа патека им овозможила спектакуларни погледи и магично изгрејсонце над Cordillera Blanca.

На 1 јули, Арсова и нејзиниот тим тргнале од висинскиот камп на Чопикалки, сместен на околу 5.300 метри надморска височина. Искачувањето започнало околу еден часот по полноќ, а на врвот пристигнале во 8 часот наутро. Но, вистинскиот предизвик следувал при симнувањето. Стрмните заледени ѕидови високи до 120 метри и влошувањето на временските услови барале максимална внимателност. А целата тура, од тргнувањето до враќањето во базниот камп, траела 18 часа без прекин.

Иако зад секое вакво достигнување стојат физичка подготвеност и огромна издржливост, Илина потенцира дека подеднакво важни се и луѓето кои се дел од експедицијата, искусните водичи, експертите и целиот тим.

Како што самата Илина вели, токму на Андите повторно ја пронаоѓа енергијата што ја мотивира да продолжи кон нови предизвици, а секое искачување остава спомени што траат цел живот.