Облека што никогаш не треба да ја купувате без да ја пробате

Онлајн купувањето никогаш не било полесно, но постојат парчиња облека кај кои треба малку повеќе да се внимава при купување. Разликите во кројот, материјалот и бројките меѓу брендовите може значително да влијаат на тоа како едно парче ќе стои на телото. Токму затоа одредена облека мора да се проба пред да се купи.

Фармерки

Фармерките се едно од најризичните парчиња за купување без пробување. Дури и кога купувате ист број, различни брендови користат различни калапи, а составот на материјалот значително влијае на тоа како ќе прилегаат. Проверете дали добро стојат на половината, колковите и бутовите, но и дали ви одговара должината.

Градници

Експертите велат дека многу жени носат погрешна големина на градник. Освен бројот, важно е како лежи корпата, дали прерамките се удобни и дали лентата под градите обезбедува доволна потпора. Затоа, градник е едно од парчињата што речиси секогаш треба да се проба пред купување.

Блејзер

Кај овие парчиња најважни се рамениците. Ако тие не лежат правилно, останатите корекции тешко можат да го поправат изгледот. Проверете дали можете слободно да ги движите рацете и дали сакото убаво се затвора без да се затегнува.

Панталони

Освен бројот, важно е како панталоните паѓаат околу колковите, половината и должината на ногавиците. Ист модел може да изгледа сосема различно во зависност од висината, пропорциите на телото и материјалот.

Чевли

Бројот не е секогаш гаранција за удобност. Калапите се разликуваат од бренд до бренд, а ширината на стапалото може да биде исто толку важна колку и должината. Чевлите треба да бидат удобни уште при првото пробување и не треба да сметате дека со носење ќе се „рашират“.