Од супермодели до инфлуенсерки: Како се променија најплатените лица на модата

Во модната индустрија, поимот „најплатена манекенка“ отсекогаш носел тежина, но неговото значење драматично се менувало низ децениите.

Денес, листата на највисоко платени модели ја предводат три жени Кендал Џенер, Жизел Бундшен и Роузи Хатингтон Вајтли, жени кои не се само манекенки, туку глобални брендови, медиумски личности и успешни претприемачи.

Нивната заработка одамна не е ограничена само на модните писти и кампањи, туку се протега на социјални мрежи, сопствени линии, соработки и влијание кое се мери во милиони следбеници.

Кендал со години важи за една од најплатените манекенки во светот, но нејзиниот успех е тесно поврзан со нејзината медиумска експонираност и способноста да ја капитализира својата популарност.

Жизел и Роузи покрај моделингот се и успешни бизнис жени и исто така уживаат огромна популарност кај следбениците.

Ако се вратиме неколку децении наназад, во златната ера на супермоделите, правилата биле сосема поинакви. Во 90те, на модната сцена доминираа Синди Крафорд, Наоми Кемпбел и Клаудија Шифер кои поставија стандарди кои и денес се релевантни.

Тие беа првите манекенки кои добија статус на вистински ѕвезди се појавуваа на насловни страници, во музички видеа и глобални кампањи, и нивното присуство значеше престиж. Oвие супермодели ја симболизираа природната убавина и комерцијалниот успех и беа олицетворение гламур и елеганција.

Нивните заработки доаѓаа претежно од ексклузивни договори со модни куќи, реклами и модни списанија, во време кога модната индустрија беше многу поелитистичка и затворена.

Клучната разлика помеѓу овие две ери лежи токму во начинот на кој се гради успехот. Додека супермоделите од 90те се потпираа на мистиката, недостапноста и внимателно градената јавна слика, денешните манекенки ја користат својата достапност како најсилна алатка.

Социјалните мрежи ја демократизираа модата, а моделите станаа директни комуникатори со публиката. Така, ако некогаш беше доволно да се биде лице на насловна страница на престижен магазин, денес тоа е само дел од многу пошироката слика. Моделите денес ја редефинираат индустријата, следејќи ја патеката што пред повеќе од 30 години ја трасираа легендите.