
Во светот на високата мода, каде што луксузот и креативноста се на цена повеќе од сè, некои од најпрепознатливите имиња во индустријата имаат оставено траги не само со своите дизајни, туку и со контроверзии што ја острастуваат јавноста и ја „извалкаа“ нивната репутација.
Коко Шанел – стилски гениј и сомнежи околу Втората светска војна

Иконската француска дизајнерка Коко Шанел е една од највлијателните модни фигури на 20-от век- револуционерни линии што го облекоа модерниот свет. Но нејзиниот живот го следат и темни интриги. За време на германската окупација на Франција во Втората светска војна, Шанел имала блиски односи со германскиот дипломат Ханс фон Динклаге, што ја туркаше во центарот на расправа за наводно соработка со нацистите. По војната беше испитувана, но избегна обвиненија со помош на влијателни личности од сојузничките кругови. Овие наводи остануваат дел од нејзиното наследство и денес го делат јавното мислење.
Хуго Бос – модата во служба на Третиот рајх
Името Hugo Boss денес е синоним за елегантни машки костуми и глобален луксуз, но корените на брендот носат тежок историски товар. Основачот Хуго Фердинанд Бос за време на Втората светска војна бил член на Нацистичката партија и неговата фабрика активно произведувала војнички униформи за германската армија, вклучувајќи ги униформите на СС-единиците, Вермахтот и Хитлеровата младина.
Според историски истражувања и архиви објавени во германските и меѓународни медиуми, фабриката на Бос не само што профитирала од воените нарачки, туку и користела присилна работна сила, вклучително и воени заробеници и депортирани работници од окупираните територии. По крајот на војната, Хуго Бос бил класифициран како „поддржувач“ на режимот и казнет со парична глоба и забрана за управување со компанијата.
Иако брендот подоцна официјално призна дел од ова минато и изрази „длабоко жалење“ за настаните од тој период, фактот останува дека естетиката на моќта, дисциплината и авторитетот, кои подоцна станаа дел од визуелниот идентитет на брендот, имаат корени во една од најмрачните епохи на европската историја.
Овој пример отвора незгодно, но неопходно прашање:
дали модата е само нем сведок на историјата — или нејзин активен соучесник?
Џон Галијано – падот од моден врв по антисемитскиот скандал
Импозантниот британски дизајнер Џон Галијано, некогаш креативен директор на престижната модна куќа Диор, доживеа еден од најпознатите падови во модната историја. Во 2011 година, видео снимено во париски бар го прикажа како прави антисемитски и презирливи коментари под влијание на алкохол, што предизвика огромен бран осуда и негово моментално отпуштање од Диор. Овој инцидент стана пресвртница не само за неговата кариера, туку и за тоа како јавноста го третира однесувањето на креаторите на брендови.
Гучи – врвно реноме до обвиненија за расна нечувствителност

Италијанскиот моден гигант Gucci исто така се најде под критика за неколку скандали, меѓу кои и повлекување на плетена маица од колекцијата што многумина ја споредија со blackface — стереотипно и расно навредливо облекување- принудувајќи го брендот да се извинува и да објави програми за диверзитет и вклучување. Покрај тоа, брендот се соочи со казни за анти-конкурентно однесување и други критики поврзани со културна нечувствителност. Тука е и случајот со вдовицата на Гучи, која беше во затвор токму поради убиство на сопругот.
Баленсијага – маркетинг кампања што предизвика глобален шок

Во последните години, Balenciaga се најде во жртвите на една од најспорните маркетинг кампањи: реклами од 2022 година прикажуваа мали деца држејќи играчки со BDSM тематика, што предизвика бурни реакции од јавноста и обвиненија за неетичко користење на деца во кампањи што можат да се толкуваат како нормализирање на опасни симболи. Брендот и креативниот директор биле принудени да се извинуваат и да ги повлечат кампањите, но репутацијата беше сериозно погодена.
Карл Лагерфелд – генијалец со провокативни ставови
И кога не бил директно вклучен во скандали, Карл Лагерфелд, легендарниот дизајнер зад Chanel, често беше во центарот на јавни критики поради своите коментари — од критики за MeToo движењето, до забелешки за телесните типови и миграцијата. Неговиот стил на говор и спорните изјави ја поставија на дневен ред дилемата дали може да се одвои дело од личноста, особено кога станува збор за фигури со голем јавен профил.
Современата мода не е само за облека- таа е огледало на вредностите на општеството. Скандалите што ја „извалкаа“ репутацијата на голем број имиња не само што ја открија сенката зад сјајот на пистите, туку и покренаа важни прашања за одговорност, културна чувствителност, и етички стандарди во глобалната индустрија што денес живее под објавите на социјалните мрежи и жестока јавна дебата.