Подземна акустика, инженерско ремек-дело скриено 11 метри под Скопје: архитектонски манифест на едно време

Во колективната меморија на Скопје, малку објекти носат толкава симболичка и функционална тежина како зградата на Македонска радио-телевизија. Таа не е само инфраструктура за медиумска продукција, туку и архитектонски манифест на едно време, период во кој градот, по разорниот земјотрес од 1963 година, се обидуваше повторно да се изгради како модерна, сигурна и технолошки напредна метропола.

Архитектура родена од нужност и визија

Потребата за нов објект за радиодифузија се појавува непосредно по земјотресот, кога дотогашната зграда на Радио Скопје е целосно уништена. Привременото работење во бараки и шатори во Нерези јасно укажува дека медиумската институција мора да добие трајно, безбедно и современо седиште. Во новиот Генерален урбанистички план на Скопје, објектот добива исклучително атрактивна и стратешка локација со директна визуелна и просторна доминација во градската структура.

Идејниот проект го изработува експертска група составена од инженерите Кирил Ацевски, Кирил Петровски и Крсто Ристовски. Наместо изолиран локален пристап, тие се консултираат со најголемите европски радиодифузни центри од тоа време, анализирајќи ги технолошките стандарди, просторните решенија и организацијата на студијата. Добиените позитивни мислења го потврдуваат концептот, по што проектантското биро на „Бетон“ го развива главниот проект, а инвестициско-техничката документација ја подготвуваат Кирил Ацевски, Нако Манов и Харалампие Јосифовски.

Зошто толку голема?

Честите критики за димензиите на зградата мора да се разгледуваат во контекстот на времето во кое е проектирана. Во 1970-тите, радиото и телевизијата функционираат со аналогна технологија која бара масивна опрема, големи студија, значителен број технички простории и физичка одвоеност на различни продукциски процеси. Наместо повеќе расфрлани објекти, концептот е сè да се смести под еден покрив или решение кое тогаш се сметало за најрационално и најбезбедно.

Проектирањето трае од 1971 до 1974 година, а изградбата започнува веднаш потоа и се одвива во фази во текот на осум години. Резултатот е објект со 19 ката и висина од околу 90 метри, една од највисоките згради во Скопје и Македонија во тоа време.

Конструкција и сеизмичка сигурност

Армирано-бетонската конструкција е изведена според најстрогите технички прописи, со посебен акцент на отпорност на земјотреси- логично, имајќи ја предвид траумата од 1963 година. Изградбата е под постојан надзор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). По завршувањето на носечката конструкција, врз објектот се изведуваат тестови за симулација на сеизмички оптоварувања, со што зградата станува еден од технички најбезбедните јавни објекти во земјата.

Функционална поделба – град во зграда

Објектот е организиран како комплекс од четири јасно дефинирани блока, музички и радиостудија, драмски студија, телевизиски студија, административна кула.

Вкупно се изградени 14 студија, од кои телевизиските имаат површина од околу 400 квадратни метри, опкружени со комплетна придружна инфраструктура, шминкерници, гардероби, простории за одмор и технички сервиси. Во едно од музичките студија е овозможено сместување на оркестар и хор од 120 изведувачи, со дополнителен простор за публика од 50 лица, редок капацитет дури и во европски рамки во тоа време. Два ката од зградата се отстапени за потребите на Кинотеката, што дополнително ја зацврстува културната улога на комплексот.

Подземна акустика – инженерско ремек-дело

Најфасцинантниот дел од објектот се музичките студија, лоцирани 11 метри под земја, на длабочина која достигнува три метри под нивото на реката Вардар. Тие се проектирани со три независни пода и три ѕидни обвивки, со цел целосна звучна изолација. Акустичните врати, тешки по четири тона, исто колку и студиските светла сведочат за екстремното инженерско внимание посветено на квалитетот на звукот.

Од симбол на модерност до заборав

По завршувањето, зградата доживува години на слава. Се смета за најсовремен радиотелевизиски центар во поранешна Југославија, со ентериер и екстериер што импресионираат и денес. Но со текот на времето, технолошките промени, недоволните инвестиции и адаптацијата на просторот за несоодветни намени го нарушуваат нејзиниот интегритет.

Денес, ова архитектонско чудо сè уште стои, масивно, достоинствено и тивко, чекајќи повторно да биде третирано како она што навистина е, неприкосновен симбол на Скопје, сведоштво за визија, знаење и амбиција што далеку ја надминуваат својата епоха.

Н.Т