Пред Инстаграм и стилисти: Кои беа најхрабрите модни појави кај нас

Во време кога модните трендови се менуваат од ден во ден, а индивидуалниот стил се слави како највисока форма на личен израз, тешко е нешто навистина да нè шокира. Денес, ексцентричноста е норма, а различноста – пожелна. Но, не отсекогаш било така.

Пред триесет години, модата имаше строги рамки. Постоеле јасно дефинирани „дозволени“ и „недозволени“ изгледи, а секое отстапување од прифатеното често било дочекувано со критики, потсмев или етикети. Шминката, фризурата и облеката морале да се вклопат во однапред зададен шаблон.

На македонската сцена, ослободувањето од тие модни стеги дојде нешто подоцна отколку во светот. Но, и тука постоеле жени кои не чекале дозвола. Напротив- тие ја користеле модата како средство за лична слобода, израз и провокација. Денес ги паметиме како пионерки на стилот, иако во свое време честопати биле неразбрани.

Сузана Спасовска – пред времето што доаѓаше

Додека светот подоцна ќе ја запознае Лејди Гага како симбол на екстраваганција, македонската публика веќе имаше своја верзија. Сузана Спасовска со години ја предизвикуваше јавноста со сценски изгледи што одбиваа да бидат „нормални“.

Етикетите не изостанаа – од „претерана“ до „невкусна“. Но таа никогаш не влегуваше во полемики. Нејзината порака беше едноставна: модата не мора да се објаснува, таа се чувствува. Денес, со временска дистанца, јасно е дека Сузана едноставно чекорела неколку чекори пред сите други.

Милка Ефтимова – елеганција што трае

Во време кога сцената често се натпреваруваше во екстраваганција, оперската пејачка Милка Ефтимова избра поинаков пат. Нејзиниот стил отсекогаш се темелеше на суптилна женственост, класична линија и достоинствена елеганција.

Без потреба од модни експерименти, таа докажа дека впечатлив изглед не мора да биде гласен. Нејзините кроеви, внимателно избрани материјали и впечатлива шминка создадоа имиџ што и денес се памети како симбол на префинетост и стил со мерка.

Калиопи – длабока емоција

Уште од првото појавување, Калиопи беше сè освен обична. Нејзиниот стил отсекогаш бил силно поврзан со нејзината музика – длабок, интензивен, често обвиткан во црно.

Готската естетика, драматичните модни додатоци, ракавиците, очилата и уникатните украси за коса станаа нејзин заштитен знак. Но еден детаљ особено ја издвојуваше – нејзините природни, густи веѓи. Во период кога тенките, речиси исцртани веѓи беа апсолутен тренд, таа одби да ги промени. Денес, токму тие се симбол на автентичност и самодоверба.

Маја Оџаклиевска – слобода

Ако постои некој кој никогаш не се плашел од промени, тоа е Маја Оџаклиевска. Покрај моќниот вокал, таа отсекогаш експериментирала со својот изглед — особено со косата.

Од кратка афро-фризура во разни бои, до долгата коса што и денес ја носи како личен печат, Маја секогаш покажувала дека стилот не е статичен, туку процес. Нејзините трансформации беа порака дека уметноста не трпи ограничувања.

Денес, кога модата дозволува сè, лесно е да се биде различен. Но, вистинската храброст се мери во времиња кога различноста се плаќаше со осуда. Токму затоа овие жени не се само стилски икони, туку и симболи на слобода, автентичност и визија.

Н.Т