Што е „ЗОНИНГ“? Откријте како да го трансформирате вашиот дом со оваа техника на уредување

Научете како со примена на „zoning“ (зонинг) техниката можете да ја подобрите функционалноста на вашиот дом, без големи реновирања.

Сигурно во последно време сте слушнале за терминот „zoning“ додека истражувавте трендови во уредувањето на ентериерот. Оваа техника не е само минлив тренд, таа носи револуционерен начин на организирање на просторот, особено во модерни домови и станови со отворен концепт. Без разлика дали сакате подобро да го искористите просторот, визуелно да го поделите или едноставно да создадете похармонична атмосфера, „zoning“ може да ви помогне да постигнете совршен баланс помеѓу функционалноста и естетиката.

Како функционира zoning?

Дали некогаш сте забележале дека вашиот дневен престој изгледа целосно завршен дури откако ќе поставите тепих под масата? Токму тоа е суштината на „zoning“, метод на просторно уредување кој помага да се дефинираат различни зони во една просторија, без потреба од прегради и ѕидови.

Оваа техника е особено корисна во големи отворени простори, како поткровја и студија, каде што е важно да се воспостави баланс помеѓу различни функционални целини, додека просторот останува поврзан и течен.

Без разлика дали сте ја користеле несвесно во вашиот дом, zoning ви овозможува со стратешко распоредување на мебелот, боите и осветлувањето дополнително да ги потенцирате одделните зони во ентериерот.

Зошто и како да се примени zoning?

Структурира ентериерот, јасно ги разграничува просториите со различна намена. Потенцира одредени делови од просторот, помага визуелно да се истакнат конкретни зони. Ја менува перцепцијата на димензиите на просторијата, може да го направи просторот поголем, поорганизиран и похармоничен.

Практични совети за примена на zoning техниката

Мебелот како граница на просторот
Во отворен дневен престој поставете голем тепих под трпезариската маса. На тој начин јасно ќе го разграничите просторот за јадење од остатокот на дневната соба.

Боите како визуелни граници
Ако во станот имате работно ќоше, обоете го ѕидот зад масата во друга боја за визуелно да го одвоите од остатокот на просторијата. Потемни нијанси, како теракота или темно- сина, ќе придонесат за чувство на организираност.

Креирање акцентни зони
Во мала спална соба, обоете дел од ѕидот зад креветот во контрастна боја или поставете дрвена плоча која ќе послужи како визуелен рамка. Ова ќе го направи просторот покомпактен и поуреден, дури и ако димензиите на собата се скромни.

Осветлувањето како алатка за zoning


Користете осветлување за да одделите конкретни делови од просторијата. На пример, висечка ламба над странична маса во дневната соба може да создаде интимна атмосфера и јасно да го дефинира тој агол како посебна зона.

Мали трикови, големи ефекти

Zoning не бара големи инвестиции, доволна е паметна употреба на бои, осветлување и мебел за ентериерот да стане визуелно побогат и функционален. Без разлика дали сакате да го зголемите чувството на организираност, да ја подобрите продуктивноста или едноставно да внесете стилска динамика во просторот, оваа техника е совршен сојузник за освежување на вашиот дом.

Н.Т