Што прави Пенелопе Круз секоја вечер веќе 12 години? Нејзиниот одговор ги изненади сите

Кога ќе се спомене името на Пенелопе Круз, најчесто се мисли на оскаровката со беспрекорен стил, впечатливи филмски улоги и една од најуспешните европски актерски кариери. Но, зад холивудскиот гламур се крие необична страст што малкумина би ја поврзале со филмска ѕвезда – медицината.

За време на промоцијата на новата комедија „Д Инвајт“ („The Invite“), во која глуми заедно со Оливија Вајлд и Сет Роген, шпанската актерка откри дека веќе 12 години, речиси секоја вечер, по неколку часа поминува читајќи стручни медицински книги.

Она што уште повеќе изненади е фактот дека не станува збор за популарна литература, туку за обемни универзитетски учебници посветени на ендокринологијата, гранката на медицината што ги проучува хормоните, жлездите и нивното влијание врз човечкиот организам. Наместо да се релаксира со филмови или романи, Круз вели дека токму овие книги ѝ претставуваат вистинско интелектуално задоволство.

Нејзиниот интерес за медицината започнал уште во детството. Додека другите деца си играле со кукли, таа организирала импровизирани „болници“ и ги „лекувала“ своите играчки со стари инсулински шприцеви што ги добила од својата баба. Со текот на годините љубопитноста не исчезнала, туку прераснала во хоби кое и денес е дел од нејзината секојдневна рутина.

Нејзиното признание ги изненади и колегите. На прашањето на Оливија Вајлд дали некогаш размислувала да стане докторка, Пенелопе низ насмевка објаснила дека нема такви планови, туку едноставно ужива да учи нешто сосема поинакво од актерството. Сет Роген на шега ја нарекол „доктор аматер“, предизвикувајќи смеа кај присутните.

Зад славата стои љубов кон знаењето

Ова не е првпат Пенелопе Круз да открие дека има интереси далеку од светот на филмот. Пред да стане актерка, речиси девет години изучувала класичен балет во Националниот конзерваториум во Шпанија, а подоцна се усовршувала и во шпански танц и театар. Токму таа дисциплина, според неа, одиграла голема улога во градењето на нејзината актерска кариера.

Во 2009 година таа влезе во историјата како првата шпанска актерка што освои Оскар, благодарение на улогата во филмот „Вики Кристина Барселона“, во режија на Вуди Ален.

Освен по филмските успеси, Круз е препознатлива и по својот хуманитарен ангажман. Во текот на кариерата соработувала со повеќе организации што работат во областа на здравството и образованието, а извесен период волонтирала и во Индија, каде што учествувала во проекти за помош на деца.

Во приватниот живот е во брак со шпанскиот актер Хавиер Бардем, со кого има две деца. И покрај светската популарност, двајцата важат за еден од најдискретните брачни парови во Холивуд и ретко го изложуваат семејниот живот на јавноста.

Најновото признание на Пенелопе Круз уште еднаш покажува дека зад актерката која со децении ја освојува публиката ширум светот стои личност со силна интелектуална љубопитност. Додека милиони ја паметат по филмските улоги и модните изданија, таа своите вечери ги поминува изучувајќи го човечкото тело, потсетувајќи дека вистинската љубов кон знаењето нема граници, ниту професија.

Н.Т