Што сака да облече Македонката? Дали знаеме да создадеме свој сопствен стил и идентитет?

Токму ова денешно време кога модата никогаш не била подостапна, а трендовите никогаш побрзи, едно прашање сè почесто се наметнува- што навистина сака да облече Македонката? Дали избира според сопствениот вкус, според она што ѝ прилега, или според она што го диктираат социјалните мрежи, излозите и глобалните инфлуенсерски матрици? И уште поважно, дали денес имаме препознатлив македонски стилски идентитет?

Ова не е само прашање за облека. Ова е прашање за култура, самодоверба и личен израз. Затоа што начинот на кој се облекува една жена често говори за времето во кое живее, за општеството во кое се движи и за односот што го има кон себе.

Темата е многу подлабока, ние ќе загребеме малку под површината.

Македонката меѓу традицијата и современото

Македонската жена отприлика имала чувство за убавина. Од богатството на народните носии, рачната изработка, везовите, накитот и силните симболи на регионалната облека, па сè до урбаната елеганција на жените од Скопје, Битола, Охрид или Штип во минатиот век, стилот отсекогаш постоел во некаква форма.

Но денес сцената е многу посложена. Современата Македонка живее помеѓу повеќе светови и сака европска елеганција, следи балкански гламур, купува глобален high-street, а понекогаш копнее по автентичност.

Токму тука настанува и главната дилема, дали креираме стил или копираме стил?

Што најчесто избира Македонката?

Ако се анализира урбаната модна слика, може да се забележат неколку силни правци.

Елеганција за посебни моменти

Македонката сака да изгледа впечатливо кога има повод. Свадби, прослави, настани и вечерни излегувања се моменти кога жените вложуваат најмногу во стилот. Тука доминираат фустани, потпетици, гламурозни детали и силна женственост. Но различно од жена до жена. Играта секогаш не е на ниво.

Практичност во секојдневието

Во секојдневниот живот сè повеќе се избира комфор, патики, палта, добри фармерки, предимензионирани парчиња, основни тонови и функционални чанти. Ова покажува дека Македонката станува посвесна дека стилот не мора да биде неудобен. Посебно младата генерација е свесна за ова.

Луксуз што се гледа

Во дел од пазарот сè уште постои потреба брендот да биде видлив. Логоа, препознатливи модели и „statement“ детали често се избираат како симбол на статус. Да блеска и да се види од „вселената“.

Растечка љубов кон минимализмот

Новата генерација жени сè повеќе се движи кон чисти линии, квалитетни материјали, неутрални бои и тивок луксуз. Тоа е важен знак на модно созревање.

Дали имаме сопствен стилски идентитет?

Одговорот е декаимаме потенцијал, но недоволно го користиме.

Македонија има богата визуелна култура што лесно може да стане моден код или во превод, геометриски везови, природни бои и текстури, рачна изработка, силуети инспирирани од традицијата, накит со приказна, мешавина на ориентално и европско влијание.

Тоа е огромен капитал што ретко се претвора во современ моден јазик. Наместо да го развиваме сопствениот потпис, често се обидуваме да личиме на некој друг.

Што ѝ недостига на македонската мода?

Самодоверба

Најсилниот стил не доаѓа од брендот, туку од ставот. Кога жената знае што ѝ прилега и што сака да каже со облеката, тогаш изгледа најдобро.

Поддршка за домашни дизајнери

Македонија има талентирани креативци, но тие често добиваат помала поддршка од странските имиња. А токму локалниот дизајн најдобро може да создаде локален идентитет.

Култура на квалитет наместо количина

Подобар гардеробер не значи повеќе парчиња, туку попаметно избрани парчиња.

Новата Македонка

Денешната Македонка е образована, мобилна, информирана и амбициозна. Таа патува, работи, создава и сака нејзиниот изглед да го следи тој ритам. Затоа нејзиниот стил треба да биде комбинација од сила и елеганција, модерност и корен, самоувереност и индивидуалност.

Не мора да биде копија на Париз, Милано или Белград. Може да биде своја.

Што сака да облече Македонката?

Таа сака да изгледа убаво, модерно и сигурно во себе. Но сè повеќе сака и нешто поважно, да биде автентична.

Дали знаеме да создадеме свој стил и идентитет?

Да, ако престанеме да бараме потврда од трендовите и почнеме да веруваме во сопствениот вкус.

Вистинскиот македонски стил нема да се роди на модна писта во странство. Ќе се роди тогаш кога Македонката ќе одлучи дека најдобро изгледа кога е своја.

Н.Т