Во сенката на модерните згради и туристички атракции што го обликуваат центарот на главниот град, еден од најнеобичните и најмалку познатите споменици со длабока историја стои- речиси невидлив за минувачите. Станува збор за Споменикот познат како „Бомба“, скулптура поставена во паркот пред Националната радио телевизија, во близина на Младинскиот културен центар (МКЦ).
Иако денес тивко останува среде зеленило без голема информативна плоча или упатство за посетителите, неговата приказна е длабоко врзана со македонската историја на отпорот во Втората светска војна.
Скулптура со значење под површината
Овој монумент, висок околу 6 метри, не е само анонимен бетонски објект — тој е стилизирана реплика на граната со стап, еден од видовите оружје што се произведувал во илегалната работилница за оружје и муниција во Скопје во текот на војната.
Токму на тоа место — некогашниот дом на механичарот и партизански соработник Серафим Видевски — се криела работилницата во која локалните борци против фашизмот произведувале експлозивни средства за потребите на отпорот.
Авторите на скулптурата, скопските архитекти Александар Никољски и Владимир Пота, го искористија визуелниот симбол на „бомбата“ не како средство за разурнување, туку како симбол на отпорот и желбата за слобода.
Динамичните портокалови плочки што го покриваат „вертикалниот експлозивен дел“ го даваат чувството на енергија и спонтаност — како да се замислува моментот кога идеите за отпор прераснуваат во акција.
На основата на споменикот се наоѓа мала заклучена врата, без функционален премин, но со силна симболика: таа е влез кон „непознатото“ — кон тешката и опасна борба за подобар свет, како што архитектот Пота посочува во едно од своите интервјуа.
Од Вардар до заборавот
Првично поставен покрај реката Вардар, веднаш до Музејот на илегалната работилница за муниција, споменикот долго време беше видливо место каде минувачите можеа да се запрат и да се потсетат на историските корени на отпорот.
Но, со реализацијата на проектот Скопје 2014 и изградбата на новата зграда на Уставниот суд на местото каде тој стоеше, монументот беше преместен во паркот кај МКЦ, далеку од оригиналниот контекст и со значително помал јавен увид.
Без информации, но со паметење
Денес, „Бомба“ често останува недоволно разбрана или сосема игнорирана од граѓаните, бидејќи нема информативни табли, објаснувања или аудио-интерпретации што би им помогнале на посетителите да ја сфатат неговата вредност и значење.
Историчарите и дел од јавноста оддавна укажуваат дека ова дело заслужува повеќе внимание и соодветно поставено образложение, за да не остане само уште едно „бетонско парче“ во градската џунгла, туку вистински потсетник на храброста и сложената борба на македонските партизани против окупаторите.
Н.Т
Од Вардар до заборавот