Славната дизајнерка има јасен став за патики и не се плаши да го каже гласно

Каролина Ерера, венецуелската дизајнерка од светски ранг е позната по своите безвременски креации што ја слават женската убавина, а меѓу нејзините најголеми обожавателки е и кралицата Летиција, која често и со задоволство носи облека со нејзин потпис.

Постојат личности чиј пристап кон модата ги надминува трендовите и сезоните, личности што не ја следат модата, туку ја создаваат. Ерера (87) несомнено припаѓа на тој тесен круг легендарни стилски икони, чиј влијание врз модната индустрија е неспорно со децении.

Повеќепати вклучена на листите на најдобро облечени жени во светот, Ерера изгради еден од најексклузивните и најпрепознатливи брендови во индустријата, чии клиенти биле некои од најмоќните и најелегантни имиња во современата историја, од Жаклин Кенеди и Ненси Реган до Камала Харис и шпанската кралица Летиција.

За неа, добро осмислената облека не е само естетика, таа е продолжение на личноста и одраз на начинот на кој жената се движи низ животот. Нејзиниот бренд отсекогаш бил синоним за софистициран вкус и класика, далеку од минливи трендови. Основата? Дискретна и безвременска елеганција што воодушевува.

Никогаш без потпетици – или барем без елегантни рамни чевли

Во рамки на овој стилски светоглед, обувките имаат посебно, речиси филозофско место. Ерера ретко може да се види во обувки што не ја издолжуваат силуетата, а дури и кога не носи потпетици, нејзиниот избор никогаш не се патики.

Во едно поранешно интервју, без двоумење објасни зошто тие не се дел од нејзиниот стил:

Не носам патики, туку рамни чевли. Тоа ми изгледа чудно, како луѓе што одат во теретана, па потоа облекуваат тренерки. Изгледа ужасно! Сè има свое време и место“, изјави Ерера.

Нејзината наклонетост кон елегантна обувка одразува свесен пристап кон стилот, каде најважна улога имаат материјалите, силуетата и чевлите што го надополнуваат стапалото, а не практичноста по секоја цена. За неа, елеганцијата е прашање на карактер, а не привилегија.

Елеганцијата не се дефинира со пари или убавина. Таа има врска со стилот, со начинот на кој размислувате и се движите“, додаде таа.

Рамни, но никогаш без елеганција

За оние што го делат нејзиниот филозофски пристап кон стилот, но не сакаат или не можат да носат високи потпетици, Ерера има решение, балетанки што воопшто не изгледаат како компромис.

Еден од класиците во нејзината колекција се рамни сатенски папучи со зашилен врв, кои го подигнуваат секој изглед без оглед на стилот. Тоа е безвременско парче што подеднакво добро функционира со црн миди фустан во тотално црн изглед, но и со фармерки, чипкана блуза и црно сако. 

За оние што бараат покласична опција со доза женственост, тука се кожни чевли со суптилен ремен украсен со бисери, кои елегантно го балансираат зашилениот врв. Совршен избор со долго црно сатенско здолниште и проѕирна блуза со панделка.

Накратко… дури и кога Каролина Ерера вели „рамна обувка“, тоа и понатаму звучи како лекција по стил што вреди внимателно да се слушне.

Н.Т