На денешен ден 1969-та година родена е една од најомилените холивудски актерски – Џенифер Анистон. Како дел од актерско семејство таа уште од млада возраст знаела дека сцената ќе биде нејзиниот животен пат.
Светската слава ја достигна со улогата на Рејчел Грин во култната серија Friends, но зад насмевката и успехот стои жена која минала низ подеми и падови и професионални и лични.
Џенифер со години беше една од најследените жени во светот, особено за време на бракот со Бред Пит (2000–2005), врска што медиумите ја нарекуваа „совршена холивудска приказна“. По разводот, таа се соочи со огромно медиумско внимание, но секогаш остана достоинствена и тивко продолжи напред.
Подоцна беше во брак со актерот Џастин Теру (2015–2017), а и по разделбата двајцата останаа во добри односи. Иако јавноста често ја притискаше со прашања за мајчинството, Џенифер отворено зборуваше дека среќата не се мери со традиционални очекувања, туку со личен мир, здравје и исполнетост.
Таа е позната по блиските пријателства, особено со колешките од Friends, Кортни Кокс и Лиса Кудроу, кои и денес се дел од нејзиниот приватен круг.
Покрај успешната актерска кариера, Анистон е пример и за безвременски стил. Нејзиниот моден потпис се темели на едноставност, квалитет и природна елеганција. Преферира неутрални тонови како црна, беж, бела и сива, сака класични кроеви во форма на добро скроени костуми, едноставни фустани и минималистички линии.
Настојува да има природна коса и шминика по коишто е позната со децении. Многу ретко претерува со детали и секогаш изгледа софистицирано.
Кога станува збор за црвениот тепих одбира елегантни, чисти силуети, додека во секојдневието се држи до лежерни парчиња како, фармерки, бела маица, кожна јакна и очила за сонце.
Освен актерка, Џенифер е и симбол на здрав начин на живот. Таа практикува јога, медитација и балансирана исхрана, а често зборува за менталното здравје, самодовербата и прифаќањето на годините без страв.

Со децении на врвот, Џенифер Анистон останува една од омилените, не само поради талентот, туку и поради топлината, искреноста и природната харизма што не избледува.
