
Она што со години се шепотеше зад затворени врати на гламурозниот свет, денес е сурова јавна драма. Односот помеѓу Викторија Бекам, икона на поп-културата, мода и дисциплина и нејзината снаа, американската актерка и наследничка на милијардерско богатство Никола Пелц, прерасна во еден од најекспонираните семејни конфликти во светскиот шоу-бизнис. А кога во приказната јавно се вмеша и синот Бруклин Бекам, светот остана во шок.
Според светските етаблирани медиуми, корените на расправијата датираат уште од периодот пред свадбата на Бруклин и Никола во 2022 година. Иако на почетокот сè изгледаше како бајка, спој на две моќни фамилии, британскиот „бренд Бекам“ и американската династија Пелц – зад сцената почнале да се таложат тензии. Најчесто споменуваниот момент, кој и денес се смета за симболичен почеток на конфликтот, е приказната околу венчаницата.
Викторија Бекам наводно понудила да ја дизајнира венчаницата на снаата, но според тврдењата што подоцна излегоа во јавност, таа понуда била повлечена во последен момент. Никола, оставена без време и опции, се свртила кон друг моден бренд, потег што медиумите го протолкуваа како прва отворена пукнатина во односот.
Тензијата, според извори блиски до семејството, не завршила тука. Свадбата, која требаше да биде кулминација на љубовта, се претворила во сцена за нови недоразбирања. Години подоцна, Бруклин Бекам реши јавно да проговори и тоа со зборови што одекнаа силно во јавноста. Во објава и изјави што ги пренесоа најголемите светски медиуми, тој отворено ги обвини своите родители дека се обидувале да ја контролираат неговата врска, па дури и да ја поткопаат. Посебно внимание привлече неговото тврдење дека однесувањето на мајка му за време на свадбата било понижувачко за Никола, но и за него самиот, додавајќи дека тоа било момент кога сфатил дека мора да застане на страната на сопругата. Тука аналитичарите го наведуваат моментот кога Викторија наводно сакала да го украде целото внимание, па играла постојано, се однесувала како таа да е невестата…
„Јас ја бирам мојата жена“, порача Бруклин индиректно, а уште погласно одекна неговата изјава дека во овој момент не гледа можност за помирување со семејството. За многумина, тоа беше шокантен преседан, син кој јавно се дистанцира од семејството кое со децении важеше за симбол на совршенство, дисциплина и заедништво.
Викторија Бекам, од друга страна, одбра тактика на молк. Таа не одговори директно на обвинувањата, но нејзините објави на социјалните мрежи, фотографии со децата без присуство на Никола, како и неколку двосмислени изјави во интервјуа, беа доволни за јавноста да чита меѓу редови. Дел од медиумите ја прикажуваат како мајка која тешко се откажува од контролата и од „брендот Бекам“, додека други сметаат дека таа е неправедно нападната и вовлечена во медиумска драма што ја надминува реалноста.
Никола Пелц, пак, во јавноста настапува значително повоздржано. Таа во минатото тврдеше дека меѓу неа и Викторија нема сериозен конфликт, но фактот дека се повеќе семејни настани ги пропушта, како и јавното застанување на Бруклин на нејзина страна, ја зацврсти перцепцијата дека токму таа е „другата страна“ во овој семеен судир.
Прашањето „кој е побогат“ дополнително ја поттикна јавната љубопитност. Додека Викторија и Давид Бекам со години градат империја вредна стотици милиони преку спорт, мода и бренд-соработки, Никола доаѓа од семејство чие богатство се мери во милијарди. Нејзиниот татко, Нелсон Пелц, е еден од најмоќните американски инвеститори, што, според аналитичарите, внесува уште една димензија во односите, секако, судир на моќ, влијание и различни семејни култури.
Јавноста е поделена. Дел од светот сочувствува со Бруклин и Никола, гледајќи ја приказната како борба за лична слобода и дистанцирање од токсична контрола. Други, пак, сметаат дека семејните конфликти не треба да се решаваат преку Инстаграм и насловни страници, и дека оваа драма е производ на преголемото медиумско внимание и притисокот што го носи славата.
Аналитичарите се согласуваат во едно: ова не е само расправија меѓу свекрва и снаа. Ова е судир на генерации, вредности и моќни семејни наративи. Од една страна стои Викторија Бекам, жена што со железна дисциплина изгради бренд и семејна империја. Од другата, Никола Пелц, млада жена со финансиска сигурност, поинаква култура и јасна желба за автономија. Меѓу нив е Бруклин, распнат меѓу лојалноста кон семејството во кое пораснал и љубовта кон жената што ја избрал.
Дали оваа приказна ќе добие помирувачки епилог или ќе остане запишана како најгласниот семеен раскол во светскиот шоубизнис, времето ќе покаже. Засега, едно е сигурно! Сјајот на славата повторно покажа дека зад него често се кријат најдлабоките и најболни човечки конфликти.
Н.Т