Ленот е материјал што секоја пролет и лето се враќа во мода. Тој е лесен и практичен за топлото време и затоа е за многумина избор број еден. Совршен е и за секојдневни комбинации и за порафиниран изглед, само зависи како ќе го стилизирате.
Една од наједноставните, а секогаш успешни комбинации е ленена кошула со фармерки или шорцеви. Бела или беж ленена кошула, малку „опуштено“ вовлечена, дава свеж и чист изглед.
Ако сакате повеќе летни вибрации, комбинирајте ја со сандали и плетена чанта, изглед што асоцира на одмор, дури и кога сте во град.
Ленените фустани се вистински must-have. Долги, лелеави модели во неутрални нијанси како песоклива, маслинесто зелена се секогаш шик.

За поурбана варијанта, ленени панталони со висок струк се одличен избор. Комбинирајте ги со краток топ или едноставна маица, а преку тоа може да додадете и ленен блејзер.
Ленените здолништа, особено миди должината, се одлична база за повеќе комбинации. Со едноставна маица и рамни сандали добивате дневен изглед, а со кошула и накит можете лесно да го трансформирате во вечерен.
Не треба да се заборават ни ленените шорцеви, кои се спас во жешките денови. Со широка кошула или топ со тенки прерамки создаваат опуштен, но стилски балансиран аутфит.
Ленот најдобро функционира во природни тонови, но не плашете се да внесете и боја, пастелни нијанси или земјени тонови изгледаат особено убаво на лен.
Овој материјал е идеален за топли денови затоа што комбинира удобност, стил и безвременска елеганција, и токму затоа секоја сезона му се враќаме повторно.