„Убавината е одговор на ништо“: Изабела Роселини, една од најсложените и највозбудливите уметнички гласови на својата генерација

Изабела Фиорела Елетра Џована Роселини, италијанско‑американска актерка, модел, авторка, филмски творец и филантроп.

Таа е ќерка на легендарната шведска актерка Ингрид Бергман и италијанскиот режисер Роберто Роселини, што ја внесе во јавноста како „кинематографска династија“ уште од нејзиното раѓање.

Изабела растеше меѓу Рим, Париз и други европски центри, а нејзиното детство не беше типично, на 5 години имала операција за апендицитис, а на 11 била дијагностицирана со сколиоза што резултирало со продолжена терапија и период од речиси две години во гипс, што оставило трајни белези и формирало нејзино рано чувство за физичка отпорност.

Невозможната љубов на нејзините родители, Бергман и Роселини предизвика голем скандал во САД во 1950‑тите, доведе до јавна критика и дури политика насочена кон имиџот на нејзината мајка, што остави длабок печат во семејната историја и го обликуваше разбирањето на Изабела за јавна перцепција и приватна болка.

Кариера која ја надминува генерацијата

Иако пораснала во сенката на родителите, Изабела избра свој пат. Таа започна како телевизиска кореспондентка, а во 1979 се пресели во САД, каде што со 28 години започна својот моделски пробив, фотографиите за Vogue ја направија една од најбараните лица на 1980‑тите, а договорот со Ланком ја смести меѓу меѓународните модни икони.

Како актерка, нејзиниот пробив дојде со „Сино кадифе“ (1986) на Дејвид Линч, каде ја толкува сложената и магнетична Дороти Валенз, улога што останува една од најемблематските во нејзината кариера. Други значајни филмски наслови вклучуваат „Диви по срце“, „Смртта ѝ прилега“, „Вајат Ерп“.

Но, со филмот „Смртта ѝ прилега“, каде имаше мала но една од најзапамтените улоги воопшто на актерка на фимското платно, таа стана икона. Глумеше заедно со Мерил Стрип и Голди Хоун, па и денес се памети нејзината култна реченица „Испиј ја таа напивка и никогаш нема да остареш ни еден ден. Не ја пиј, па продолжи да се гледаш како се распаѓаш.“

Нејзината актерска палета се движи од независни уметнички филмови до големи студиски продукции, а таа ја користи својата природна филозофија за избор на улоги, засновано не на гламур, туку на предизвик и комплексност.

Контроверзии и предизвици

Како и многу жени во филмската индустрија, Изабела се соочи со „ageism“ (предрасуди поврзани со возраст)  во 1996 на 43 години беше отстранета од својата улога како лице на Ланком заради возраста, само за компанијата да ја врати како глобален амбасадор децении подоцна, во 2016.

Токму ова искуство ја натерало да зборува отворено за хипокризијата на стареењето во индустријата, дека долго време не била „доволно млада“, а сега не е „доволно стара“ за одредени улоги, што го истакна и во неодамнешни интервјуа.

„Сите мои години ги поминав трчајќи по убавината- совршеност, диета, тренер, игли, еликсири… Откако сфатив дека убавината е одговор на ништо, станаа најсреќните години од мојот живот.“

Личен живот и семејство

Изабела се омажи еднаш, со Јон Видеман (1983–1986) со кого ја доби својата ќерка Елетра Роселини Видеман. Потоа усвои син, Роберто, и двете деца го продолжуваат семејното наследство, Елетра како модел и авторка, а Роберто како фотограф и креативец.

Има 73 години, таа живее на фамилијарна фарма „Mama Farm“ во Лонг Ајланд, Њујорк, каде се посветува и на животните, екологијата и едукацијата, хоби што го разви со години страст кон еколошки и етички прашања.

Стил и моден печат

Изабела е препознатлива не само по нејзината глума, туку и по стилот, комбинација од класика, минимализам и интелектуален шик. Таа често ја користи модата како вид на самоизразување, честопати со носталгични, префинети или интуитивно „сценски“ избори.

На Оскарите 2025, носеше длабоко син фустан на Dolce & Gabbana како омаж на нејзината улога во „Blue Velvet“, додека ги носеше и вонвременските Булгари обетки на нејзината мајка Ингрид Бергман, симболично поврзување на генерациите и на кинонаследството.

Последни проекти и актуелни улоги

Во 2024/2025, Изабела доживеа ренесанса во кариерата:
Таа беше номинирана за Оскар за најдобра споредна улога за својата улога во „Conclave“, драмски трилер сместен во Ватикан каде глуми тивок, но клучен лик, сестра Агнес.
Таа исто така имаше улога во филмот „La chimera“ (2023), лауреатски филм избран во официјална конкуренција на Канскиот фестивал.
Исто така е најавена за улога во биографскиот филм „The Bitter End“, каде ќе глуми значајна личност блиска до Валиc Симпсон.

Изабела Роселини е еден од најсложените и највозбудливите уметнички гласови на својата генерација, премостувајќи културни, уметнички и генерациски граници.

Од модниот подиум до големото платно, од фармата до Оскарите, таа продолжува да инспирира со својот интелектуален, емоционален и визуелен стил, сведочејќи дека стареењето во јавноста може да биде активен, креативен и моќен процес, а не само состојба.

Н.Т