Утре премиера на претставата „Фамилијата Адамс“ во Драмски театар Скопје

„Фамилијата Адамс“ е новата премиера што ќе се изведе в среда на 25 декември во 20:00 часот на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје.  Режисерката Теа Беговска воедно е и автор на текстот и адаптацијата за претставата.

„Фамилијата Адамс е “нормалното” во ненормалното. Како Светот да се претворил во една голема Фамилија Адамс, која секоја општествена и социјална ненормалност ја прифаќа и живее како нормална. Овие добро препознатливи и екцентрични ликови со мрачен хумор, сместени во т.н. гробница на Светот (каде се закопани нивните предци) – “танцуваат” во СВОЈАТА нормалност, во СВОИТЕ вредности за живот и смрт. Овој мрачен дом на Фамилијата Адамс е светилиште каде се слави смртта, но, се слави и љубовта – тајната состојка со која опстојува династијата Адамс. Светилиште во кое и нормалните стануваат ненормални на свој начин.“- истакнува режисерката Беговска.

Во уметничкиот тим што ја работеше „Фамилијата Адамс“ се сценографот Никола Пијанманов, костимографите Ратка Џамбазовска Коцев и Раде Василев, а музиката е на Енес Беговски. Кореографијата ја направи Бојан Лазаров.

Ликовите во претставата ги играат актерите на Драмски театар Скопје: ГОМЕЗ АДАМС – Предраг Павловски, МОРТИША АДАМС – Трајанка Илиева Вељиќ, БАБАТА – Гордана Ендровска, ВЕНЗДЕЈ АДАМС – Нина Елзесер, ФЕСТЕР АДАМС – Сашо Тасевски, ПАГЗЛИ АДАМС – Томислав Давидовски, ЛУКАС, момчето на Венздеј – Марјан Наумов,ДЕБИ, бившата љубов на Фестер – Емилија Мицевска, ТАТКОТО на Лукас – Златко Митрески и МАЈКАТА на Лукас – Маја Вељковиќ Пановска.

Ликовите на ДУХОВИ во претставата „Фамилијата Адамс“ ги играат студенти на Факултетот за драмски уметности и Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима: Јована Миладинова, Ема Лазарова, Луна Миќевиќ, Стефан Арсиќ, Кристијан Петковски, Енис Билаловиќ, Анастасија Митровска и Мартин Мазнев.

Од Драмски театар ја информираат публиката дека во претставата се користат пиротехнички средства и нагласени звучни ефекти.

Претставата „Фамилијата Адамс“ ќе биде на редовниот репертоар театарот и прва наредна изведба е на 27 декември во 20 часот.

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian