
Минатогодишната опсесија со путер-жолтата боја заминува во заборав, бидејќи пролетта 2026 носи пософистициран пресврт. Погледнете како Викторија Бекам го носи ова колористичко дуо што веќе ги освојува модните писти.
Модна дизајнерка, пејачка, мајка… модел? Викторија Бекам е наш неисцрпен извор на инспирација. Поранешната членка на групата Spice Girls, која изгради сериозна кариера како дизајнерка има беспрекорен вкус, без разлика дали е на улица, на аеродром или на црвениот тепих, а најчесто носи токму свои креации. Иако некогаш беше синоним за малиот црн фустан и строги минималистички изданија, Викторија со текот на годините направи голем стилски пресврт.
Како што и самата признава, порано носела исклучиво црна боја, но денес обожава неочекувани колористички споеви. Нејзината филозофија е едноставна, да се прифати себеси и секогаш да се чувствува самоуверено во она што го носи. Токму таа сигурност во експериментирањето со боите ни послужи како совршена мотивација за претстојната сезона.
Нова пролетна униформа
Признаваме дека имаме лоша навика да се потпираме на црно-белиот mix & match секогаш кога сме во брзање. Во текот на зимата овој предвидлив избор некако поминува, бидејќи потемните тонови се вклопуваат со мрачното небо и тешките слоеви облека. Но, сега кога деновите стануваат подолги, копнееме по нешто посвежо и поразиграно.
Оваа недела Викторија Бекам ни испорача доза стилска инспирација, шетајќи се во комбинација на бои која (сè уште) не се најде на нашиот пролетен репертоар. Основата на нејзиниот изглед беше предимензиониран костум во најубавата нијанса на бледо- сина боја, со што ја потврди доминацијата на тонот кој забрзано станува еден од најважните за 2026 година. Нежна, но впечатлива, оваа нијанса веќе беше забележана на пистите кај брендови како Simone Rocha и Tibi.
View this post on Instagram

Игра на контрасти и длабочина
Наместо да го задржи изгледот премногу светол, Бекам го „приземји“ аутфитот со богата бордо чанта, додавајќи димензија на целиот стајлинг. Ова е вистински пример за паметно секојдневно, бидејќи изгледот е закотвен со потемна нота која функционира и кога температурите нагло ќе паднат. Станува збор за нослива палета што ги надминува годишните времиња и делува далеку порафинирано од монохроматските пастелни изданија.
Н.Т