Во светот на високата мода, чевлите отсекогаш имале посебна улога. Сепак одредени модели на високи потпетици одамна ја надминале својата практична функција и станале вистински уметнички изјави.
На модните писти низ децениите, дизајнерите користеле фантастични, понекогаш и надреални форми за да раскажат приказни, да предизвикаат емоции и да ги поместат границите на можниот дизајн.
Уште во 1980-тите, Тиери Муглер го привлече вниманието со клинести потпетици инспирирани од копита, создавајќи силуети што изгледаа речиси како да припаѓаат на друг свет.
Во 1990-тите, Жан Пол Готје експериментираше со спортски и индустриски елементи, воведувајќи потпетици кои потсетуваа на копчиња или клинови, со што ја разби традиционалната идеја за елегантен женски чевел.
Во новиот милениум, фантазијата станува сè поизразена. Баленсијага претстави модели со потпетици налик на лего коцки, разиграни и смели, додека Александар Меквин со своите легендарни Armadillo чевли создаде едни од најиконичните и најконтроверзни обувки во историјата на модата, екстремни, скулптурални и речиси непрактични, но незаборавни.

Современите модни куќи продолжуваат да ја негуваат оваа традиција на фантазија. Брендови како Y/Project и други авангардни имиња црпат инспирација од бајки, митови и уметност, создавајќи чевли што изгледаат како стаклени, кристални или целосно надреални објекти. Овие потпетици не се наменети само за носење. тие се замислени како визуелни симболи и креативни експерименти.

Во 2012 Прада ги внесе „огнените“ мотиви во светот на обувките, со клинови што симболично „палеа“ стилски сцени и улици, оставајќи интензивен визуелен впечаток.
Осум години подоцна Том Браун ги креираше dolphin потпетиците инспирирани од формата на делфинот. Тие се уште еден пример на фантазијата што го остава практичниот аспект на страна во корист на драматичен и визуелен ефект.

На ревијата за пролет/лето 2022, Џонатан Андерсон претстави потпетици со форма што потсетува на напукнато јајце, необични, речиси надреални, уште еден пример на игра со оптички илузии во обувките.
Последниве години, модните куќи како Скијапарели и Шенел го продолжуваат овој тренд со креации инспирирани од додадени природни форми продолжувајќи ја традицијата на фантастични штикли со висок визуелен ефект.

Токму овие високи потпетици докажуваат дека модата не мора секогаш да биде практична за да биде значајна. Напротив, токму ваквите смели и неконвенционални дизајни ја движат модната индустрија напред, потсетувајќи нè дека пистата е место каде што фантазијата има слобода да чекори без ограничувања.
