Жената што ја носеше модата како судбина: Нан Кемпнер и вечната лекција за стил

„Најшик на светот.“
Со овие зборови Ив Сен Лоран ја опиша Нан Кемпнер — жена која не ја следеше модата, туку ѝ даваше смисла. Во свет каде трендовите доаѓаат и исчезнуваат, Кемпнер остана трајна референца за елеганција, дисциплина и стил без компромис. Таа не беше само дама од високото друштво, туку жива институција на модата, жена чиј личен вкус се изучува, архивира и изложува во музеј.

Родена во 1930 година, Нан Кемпнер уште од раното детство беше воведена во светот на високата кутура. Нејзината мајка ја научи да ја гледа модата како форма на уметност, а не како потрошен материјал. Првата сериозна модна инвестиција- диорова тоалета купена во Париз во 1950-тите го означи почетокот на љубовна врска со француската мода што ќе трае речиси четири децении. Од тој момент, Кемпнер стана редовен гостин на модните ревии во Париз, внимателен набљудувач и строг критичар на стилот.

Таa беше дел од интернационалната елита, жена која секогаш го носеше пасошот во чантата со едноставно објаснување: „Никогаш не знаеш каде може да треба да бидеш.“ Лондон, Париз, Венеција, Карибите — светот беше нејзина мапа, а гардеробата ѝ беше секогаш подготвена за секоја временска зона и секој социјален контекст. Во 1970-тите, Women’s Wear Daily ја вброи во легендарниот „Cat Pack“- круг на жени кои ја дефинираа естетиката, моќта и влијанието на високото општество.

Иако јавноста најчесто ја памети по спектакуларните вечерни тоалети, суштината на стилот на Нан Кемпнер лежеше во нешто друго, совршено скроените костими. Токму тие претставуваат најголем дел од нејзината модна колекција.

За дневни прилики, таа избираше модели од Ив Сен Лоран, Шанел, Валентино и Оскар де ла Рента за Балман, комбинации што зборуваа за интелектуален пристап кон облекувањето, каде формата и структурата имаат исто толкава важност колку и гламурот.

Кемпнер не беше само муза, таа беше и професионалец. Работеше како моден уредник за Harper’s Bazaar, дописник за француското издание на Vogue, а подоцна и како меѓународен претставник на аукциската куќа Christie’s. Нејзиното око за квалитет и историска вредност помогна да се препознаат и зачуваат некои од најзначајните модни дела на 20 век.

Нејзината опсесија со облеката никогаш не била тајна. „Јас сум пијаница кога станува збор за облека“, велеше без двоумење. А Валентино, еден од дизајнерите што најмногу ја обожуваше, еднаш забележа: „Нан изгледа совршено во моите креации затоа што има алура како закачалка — сè стои беспрекорно.“

По нејзината смрт во 2005 година, модниот свет не ја заборави. Напротив. Метрополитен музејот во Њујорк ѝ посвети голема изложба под наслов „Nan Kempner: American Chic“, каде беа прикажани дел од нејзините повеќе од 3.000 архивски модни парчиња.

Со тоа, Нан Кемпнер официјално влезе во историјата, не само како икона на стилот, туку како културен феномен.

Во време кога модата често се сведува на брзина и површност, приказната за Нан Кемпнер потсетува дека вистинскиот стил не се купува, тој се гради, се живее и останува.

Н.Т