Знаете ли колку чинат олимписките костими за уметничко лизгање? Цената ќе ве изненади

Костим кој успешно спојува врвна функционалност и естетска елеганција може да бара и до 150 часа боење, осликување, кроење и шиење, а неговата цена за спортистите често е толку висока што ни богатите награди за златен олимписки медал не можат целосно да ја покријат.

Алиса Лиу го продолжи својот неверојатен камбек по двегодишната пауза, од 2022 до 2024 година, и освои златен медал во уметничко лизгање на Зимските олимписки игри во Милано- Кортина. Покрај олимпиското злато, ја очекуваше и финансиска награда, Американците кои во 2026 година ќе се искачат на највисокото скалило од победничкиот пиедестал ќе добијат бонус од 37.500 долари од Американскиот олимписки и параолимписки комитет.

Но иако за повеќето зимски олимпијци тоа би била значителна сума, 20-годишната освојувачка на медал веќе вложила приближно толку пари во еден често занемарен трошок на својот спорт.

„Тоа би отишло само за костимите“, вели со смеа дизајнерката Лиза Мекинон од Лос Анџелес и тоа со полно право, бидејќи во изминатата година изработила шест костими за Лиу.

Мекинон обично наплаќа од 3.500 до 8.000 долари по парче облека, а олимписките костими најчесто се наоѓаат на горната граница од тој распон. Трошоците брзо се зголемуваат бидејќи повеќето спортисти на Игрите носат најмалку три комбинации, за кратката програма, слободното лизгање и завршната гала-вечер, ревијалната точка со која традиционално се затвораат Олимписките игри, без притоа да се земат предвид и другите варијанти што ги користат во текот на сезоната.

За разлика од трикоата што ги носеше американската женска гимнастичка репрезентација на Летните олимписки игри во Париз 2024 година, во кои беа извезени илјадници кристали и бисери и кои чинеа околу 5.000 долари, костимите за уметничко лизгање ја достигнуваат високата цена не толку поради материјалите, колку поради трудот вложен во нивната изработка.

Дизајните се развиваат постепено, често се менуваат врз основа на повратните информации од спортистите, а помеѓу боењето, airbrush-техниките, осликувањето, кроењето и рачното шиење на ткаенината, изработката на финалниот производ може да трае со месеци. Дополнително, има малку кројачи кои можат да ја постигнат вистинската рамнотежа меѓу функционалноста за изведба и естетската убавина.

Уметничка нота

Многу од најдобрите светски лизгачи, особено оние кои настапуваат за репрезентацијата на САД, се насочуваат кон мал круг дизајнери, меѓу кои е и Мекинон, чии клиенти се Лиу и актуелната американска државна шампионка Амбер Глен. Дизајнерот од Квебек, Матје Карон, соработува со Медисон Чок и Еван Бејтс, американски брачен пар во спортски танц на мраз, кои пред четири години во Пекинг освоија екипно злато. Јапонката Сатоми Ито, пак, ги дизајнираше костимите за Илија Малинин, 21-годишниот Американец кој беше најголем фаворит за злато во машката конкуренција.

„Мислам дека зад нашите костими стои ниво на уметнички израз што луѓето навистина го ценат“, вели Мекинон.

Таквата побарувачка создаде профитабилен пазар за мала, одбрана група дизајнери. Мекинон наплаќа 90 долари на час и минатата година изработила меѓу 60 и 70 костими по мерка, со просек од околу 50 работни часа по костим. Карон, кој на Игрите во Милано и Кортина има 26 лизгачи, наплаќа пониска саатница, околу 35 долари, но неговиот дизајнерски процес трае подолго, при што изработката на еден костим може да одземе од 80 до 150 часа. Како што се приближуваат Олимписките игри, кои се одржуваат на секои четири години, расте и бројот на итни доработки и измени. Со зголемувањето на интензитетот, расте и можноста за заработка.

„Сите се подготвени да го одврзат ќесето“, вели Карон. „Секој само сака да биде сигурен дека ја има најдобрата можна опција.“

За многу лизгачи ова претставува значителен финансиски товар, бидејќи костимите најчесто ги плаќаат од сопствен џеб. Со неколку исклучоци како Малинин, кој наводно минатата година заработил околу 700.000 долари од спонзори, и Чок и Бејтс, чии заеднички годишни приходи се проценуваат на повеќе од еден милион долари, лизгачите генерално имаат ограничени можности за заработка, и на мразот и надвор од него.

„Не зборуваме за луѓе кои заработуваат милиони долари или дури стотици илјади секоја сезона“, вели аналитичарката за уметничко лизгање Џеки Вонг.

„А ова е навистина скап спорт.“

Се вклучија и модните куќи

Некои врвни лизгачи добиваат костими во замена за промоција на дизајнерите, но постојат и други начини за заштеда. Германскиот лизгачки пар Минерва Фабиен Хазе и Никита Володин добиле финансиска поддршка од Катарина Вит, двократна олимписка шампионка од 1980-тите. Карен Чен, која во 2022 година освои екипно злато со репрезентацијата на САД пред да ја напушти натпреварувачката сцена, најголемиот дел од кариерата лизгала во фустани што ги изработувала нејзината мајка, со цена од околу 1.000 до 1.500 долари по парче.

Во уште еден алтернативен аранжман, канадската лизгачка Дијана Стелато-Дудек оваа година ги носи првите костими за уметничко лизгање дизајнирани од модната куќа Оскар Де ла Рента, редок пример на влез на голема модна куќа во овој спорт. Еден од малкуте претходни исклучоци е Вера Ванг, која речиси се квалификувала за американската олимписка репрезентација во 1968 година како уметничка лизгачка и која во текот на својата легендарна модна кариера изработувала костими за Nancy Kerrigan, Michelle Kwan и Nathan Chen.

Со оглед на вложувањата во гардеробата, лизгачите по повлекувањето најчесто се обидуваат повторно да ги користат костимите на ревии, гала-настани и егзибиции. Понекогаш и ги позајмуваат. Лиу, на пример, за гала-програмата на Игрите во 2022 година позајмила фустан од шпанската танчерка на мраз Оливија Смарт, додека танчерката Емилија Зингас на годинашното американско првенство во Сент Луис носела еден од костимите на Амбер Глен.

„Многу нешта се разменуваат, повторно се користат и се рециклираат“, вели Вонг. „Тоа е спортска облека маскирана како мода и затоа е исклучително издржлива.“

„Икеа“ за костими

За дизајнерите, иако е тешко да се замисли иднина во која нивните креации нема да бидат барани меѓу врвните лизгачи, станува збор за бизнис кој тешко се проширува. Студијата на Мекинон и Карон се релативно мали, со пет, односно 17 вработени, а вработувањето е постојан предизвик бидејќи многу потенцијални работници немаат искуство со еластичните материјали што често се користат во овој спорт.

Сепак, водечките дизајнери истражуваат начини да допрат до поширока база клиенти. Дизајнерското студио на Карон лансираше полуприлагодена платформа наречена Iconic Skate, која им овозможува на лизгачите да комбинираат однапред дефинирани опции. „Тоа е како Икеа кујна, но за уметнички лизгачи“, вели тој.

Студиото на Мекинон продава поедноставени костими кои го намалуваат трошокот за работна рака и се нудат по цени од 399 до 2.000 долари.

„Мора да бидат поевтини за луѓето воопшто да можат да си ги дозволат“, вели таа.

Мекинон е во право. Нема многу лизгачи кои можат да се потпрат на освојување злато на секои четири години.

Н.Т