Утро, пладне вечер… и така си врви денот, повеќе жалби, помалку фалби и еден тон подготовки за тоа што следи.
Работни, приватни секакви обврски се надвиснале над сите како облаци. Некому град, некому дожд, малку грмотевици, а тук-там и ќе заснежи.
И секој брза, ита… ова да средам, да проверам, да измерам, да продадам.
Денот веќе помина, другиот ќе дојде и обврски пак, исти слични, различни…
Ќе ги завршиме, нешто ќе одложиме, ќе измениме, ќе се јавиме каде што треба за да се среди работата, нели.
Не знам за вас, ама мене ми се чини дека нешто забораваме.
Како секој час да е подготовка за следниот, како да чекаме да дојде утре, небаре мигот не постои, како да нема сега, како да нема тука.
И одеднаш ќе се случи нешто што ќе не извади од колосек…ќе не застане во молк…
Не знаеме кога, како и зошто, ама ќе не натера да почувствуваме, онака, длабоко.
И тогаш на потешкиот начин ќе научиме да го живееме мигот што секогаш ни бега, мигот што го забораваме.
Паталецот ќе ви каже – нурнете се во моментот, фатете го со двете раце и споделете го со пријателот.
Не утре, денес.
И ветете си дека нема да го заборавите.
И направете албум од мигови, напластете колку можете насмевки, прегратки, прошетки, воздишки…