Камиј Клодел— глас што долго време беше замолчен, а денес проговорува со мрамор и бронза
Пред 160 години во Париз се роди една од најизвонредните, а притоа и најтрагичните фигури во светската уметност — Камиј Клодел. Нејзината судбина е како роман исполнет со талент, љубов, предавство, болка и — на крај — тивок пад во сенка. Но денес, со обновено внимание и почит, нејзините дела како ехо проговоруваат: нејзиниот глас не беше само крик, туку автономна, страстна, бунтовничка уметничка сила.
Како девојче, Камиј создава од глина; како млада жена стигнува до Париз — тогаш светски центар на уметноста — и таму ја запознава Алфред Бучер, а подоцна и Огист Роден. Соработката со Роден ѝ отвора шанса за професионален раст, но стана и проклетство: нејзините идеи користени се често без признавање, а нејзиниот лик стана познат како љубовница, не како уметница.
Сепак, Камиј не дозволи да биде дефинирана само преку мажи околу неа. Таа создаде дела како “The Mature Age”, „The Waltz“, „Sakountala“ — скулптури полни со емоции, ранливост, страст и болка. Кога ја претставуваше “The Mature Age”, критиката беше шокирана: во него се отсликува нејзината лична трагедија — љубов, предавство, губење. Рoден, испровоциран од автобиографската искреност, ја исклучи од понатамошни комиси, а општеството — доминантно машко — не беше подготвено да ја поздрави нејзината смелост.
По распадот на нивната врска, Камиј навлегуваше сѐ подлабоко во сопствената болка. Разочарувањето ја натера да ги уништи делата на кои толку работела; малку или ништо од нејзината продукција преживува. Во 1913 година е сместена во психијатриска установа, каде останува до својата смрт во 1943 година — скоро три децении без шанса да ги созида новите скулптури.
Биографската трагедија можеби ја затвори во мрак — но времето направи праведен пресврт. Од 1980-тите, нејзиното име се врати на светската уметничка сцена. Преку приватни збирки, аукции, нови истражувања, и отворањето на музејот во Nogent-sur-Seine, Камиј доби признание што долго ѝ беше ускратено.
Денешната аукција, новите изложби и интересот на јавноста покажуваат — не станува збор за “Жената на Роден”, туку за една генијална уметница, чијашто личност и дела го заслужуваат своето место во историјата. И сите тие статуи, мраморни и бронзени, станаа глас на една жена која повеќе нема да биде замолчена.
Н.Т