НА КАФЕ СО ДЕДО МРАЗ! Епизода 1: Мила и желбата за Нова година

 

 

Во духот на празниците и магијата што ги буди зимата, FASHIONEL го лансира новиот ексклузивен серијал „На кафе со Дедо Мраз“ – рубрика што од денеска ќе ве води низ најубавите, најискрените и најчовечките разговори на нашата платформа.
„На кафе со Дедо Мраз“ не е обичен интервју-серијал. Тоа се топли, мудри и понекогаш неочекувано длабоки разговори помеѓу Дедо Мраз и различни ликови од сите возрасти, професии и животни приказни. Некогаш тој советува. Понекогаш само слуша. А најчесто ги води нашите соговорници да погледнат малку подлабоко во себе, да препознаат што е важно, да постават цели, да ги одложат стравовите и да остават простор за љубов, храброст и личен раст.
Овој серијал се однесува на секој од нас.
На мајките што се борат да стигнат секаде,
на татковците што молчат повеќе отколку што зборуваат,
на младите што бараат насока,
на бабите и дедовците што носат цели животи во своите приказни,
на пријателите што можеби имаат прашања, желби, таги или надежи кои нема секому да ги кажат.
Секој што сака да сподели нешто со Дедо Мраз, да му напише, да праша, да побара совет или едноставно да ја излее својата мисла е добредојден.
Вашите писма, прашања и желби испратете ги на:
📩 dedo.mraz@fashionel.mk
или
📥 приватна порака на нашите социјални мрежи.
Дедо Мраз одговара веднаш – на писма од наши пријатели, мајки, баби, стрини, сестри… и на секој што ќе му се обрати со искрено срце.
Во рубриката „На кафе со Дедо Мраз“, сите овие гласови се претвораат во еден магичен простор што FASHIONEL го отвора за својата публика: простор за дијалог што понекогаш станува огледало на нас самите. Разговори што инспирираат, лекуваат, охрабруваат и нудат нови перспективи – токму таму каде што најмалку очекуваме.
Ве повикуваме:
пишете му на Дедо Мраз. Споделете. Прашајте. Побарајте.
Можеби токму вашата приказна ќе ја отвори следната епизода на нашиот празничен серијал.
Магијата започнува тука.
Добредојдовте На кафе со Дедо Мраз – само на FASHIONEL.mk.

Епизода 1:

Мила и желбата за Нова година

Мила има 27 години, работи маркетинг и живее во стан кој сама си го отплаќа. Живее како да е во Дубаи, а не во ,,градот-полис” Аеродром. Годинава реши да си го признае тоа што одамна тивко го размислува. Решително не чека принц, ниту бел коњ, не чека среќа, ниту лото добивки. Мила чека да дојде редот за конструктивен разговор со Дедо Мраз, ја бара смислата на животот. Затоа, не чека туку решава да испие предновогодишно кафе со Дедо Мраз.

👩‍🦰 МИЛА: „Дедо Мраз, оваа година сакам само едно: да престанам да трчам по работи што не ме сакаат и ме исцрпуваат, а тоа се мажи што не знаат што сакаат. Дали моето посакување е остварливо?

🎅 ДЕДО МРАЗ: „Ќерко, јас носам подароци, а не чуда! Но можам да ти кажам нешто многу побитно од било каков материјален подарок. Ако нешто не те сака, како што велиш, можеби  ти си скапоцена. Скапите работи ретко се на распродажба.“

👩‍🦰 МИЛА: „А ќе има ли конечно на повидок, некој маж што е ем паметен, ем слободен, ем емоционално стабилен?“

🎅 ДЕДО МРАЗ: „Тоа е како да бараш еднорог со диплома. Не е невозможно, но во меѓувреме, додека не налеташ на таков, научи се пиеш кафе терапија со најблиските другарки. Филџан кафе со другарките е најдобрата терапија. Ем миризливо, ем вкусно, ем може во талогот да се види дали доаѓа еднорогиот со диплома“.

👩‍🦰 МИЛА: „А кариерата? Сакаа да ме унапредат, ама на сепак ја унапредија колешката со подобри предиспозиции (препораки) од мене, од вујкото директор.“

🎅 ДЕДО МРАЗ: „Тоа не е унапредување, туку идиотизам од непотизам. Да, фамилијарно бингo, ама добивката останува во нивниот круг, не се шири како добробит. Ти во 2026 ќе пораснеш! Толку ќе пораснеш што нема никого да молиш, да очекуваш, туку ќе бидеш видена. Е тогаш тие ќе те бараат, но ти ќе ги надраснеш, ќе бидеш повисока од сите нив.“

👩‍🦰 МИЛА: „Добро, што сакаш да кажеш дека треба да направам? Сигурно нема да ми подариш високи потпетици.“

🎅 ДЕДО МРАЗ: „Едноставно: Оваа година, биди си подарок сама себеси. Подари си ги времето, душата, радоста и љубовта… Сите тие доблести ќе ти подарат здравје. Сѐ друго и сите други сами ќе си дојдат кога ќе ти ја осетат енергијата. Треба само да се препакуваш.“

✨ ПОУКАТА: Понекогаш магијата не е во тоа што ќе ни донесе Дедо Мраз и што ќе си посакаме, туку во она што ќе си го дозволиме сами на себе, ќе си го подариме себеси!

Автор: Елена Лука