Во светот на Холивуд, каде младоста се третира како валута, а стареењето како слабост, Шерон Стоун која има 67 години, одамна престана да игра по туѓи правила. Таа не е само актерка што го обележа филмскиот канон на 90-тите, туку жена која преживеа мозочни удари, јавно се соочи со длабоко вкоренет сексизам во индустријата и ја загуби старателството над своето дете, не поради мајчинска негрижа, туку поради предрасуди.
Денес, Стоун повторно ја користи својата гласност, овој пат за да зборува за нешто што Холивуд сè уште го смета за табу: природното стареење без ботокси и хируршки илузии.
Неодамна се појави на наградите Астера во провокативно издание, тантела и плетенина. Го привлече целото внимание, фотографиите го обиколија светот.
Стареењето како чин на отпор
Во повеќе интервјуа за етаблирани светски медиуми, Шерон Стоун јасно и недвосмислено изјави дека одбива да биде дел од културата што ја третира староста како нешто што мора да се „поправа“. Таа отворено признава дека во минатото користела естетски третмани, но по сериозниот здравствен колапс- мозочен хеморагичен удар што ѝ го промени животот, нејзиниот однос кон телото, времето и суетата драматично се трансформирал.
„Стареењето е привилегија“, изјави Стоун, нагласувајќи дека стравот од годините е форма на неблагодарност кон животот и дека нема да се извини затоа што изгледа така како што изгледа. За неа, брчките не се пораз, туку доказ за преживување.
Холивуд и казната за жените што стареат
Шерон Стоун не зборува за стареењето како апстрактен концепт, туку како жена што го почувствувала системскиот сексизам на своја кожа. По глобалниот успех со Basic Instinct, таа беше брзо маргинализирана, а со текот на годините сè поретко добиваше улоги што одговараат на нејзиниот талент, а не на возраста.
Особено болна точка во нејзината животна приказна е загубата на старателството над нејзиниот син, каде што судот, според самата Стоун, го користел нејзиниот јавен имиџ и сексуализацијата од филмовите како аргумент против неа, преседан што таа го нарече длабоко неправеден и понижувачки.
Од гламур кон достоинство
Денес, Шерон Стоун не се обидува да изгледа „помлада“, туку посилна, поискрена и слободна. Таа јавно зборува за телото што се менува, за рацете што стареат, за лицето што ја раскажува својата приказна – без филтри и без страв.
Нејзината порака е јасна: вистинската моќ не е во замрзнатото лице, туку во прифаќањето. Во индустрија опседната со вечна младост, Шерон Стоун избра нешто многу пореволуционерно – автентичност.
Симбол надвор од филмот
Со својот став, таа одамна ја надмина улогата на актерка и стана симбол на отпор против нереалните стандарди за женското тело и возраст. Нејзиниот избор да старее природно не е личен каприц, туку јавно сведоштво дека достоинството нема рок на траење.
Во време кога многумина се плашат од годините, Шерон Стоун ги носи како орден.
Н.Т
Стареењето како чин на отпор
Од гламур кон достоинство