Најчестите мали грешки во уредувањето на домот

Домот не мора да биде скап за да изгледа убав, но некои мали, речиси незабележливи грешки можат да го нарушат целиот впечаток. Често не станува збор за мебелот, туку за деталите, светлина, текстура, распоред и чувство. Еве кои се најчестите грешки што го прават просторот да изгледа „евтино“, и како лесно да ги избегнете.

Лошо осветлување

Една централна, силна и “студена” светилка може да го направи просторот рамeн и безживотен. Осветлувањето создава атмосфера, а не служи само за гледање. Затоа користете повеќе извори на светлина, подна ламба, столна ламба, топло светло, индиректно осветлување. Слоевитото осветлување веднаш додава топлина и стил.

Премногу декор

Кога има премногу предмети, вазни, фигури, рамки, сувенири, просторот изгледа хаотично и без концепт. Наместо стил, се создава визуелен „шум“. Оставете го просторот да „дише“. Изберете неколку убави парчиња и групирајте ги со вкус. Стремете се за помалку, така е секогаш подобро и поелегантно.

Недостаток на текстура

Просторот без текстура изгледа рамно и ладно особено ако доминираат мазни површини, пластика и синтетички материјали. Затоа додајте текстил во форма на перници, ќебиња, завеси, тепих. Мешајте материјали како лен, памук, дрво, керамика, стакло. Текстурата му дава „живот“ на домот.

Празни или лошо декорирани ѕидови

Голите ѕидови прават просторот да изгледа недовршен, додека случајно поставени мали рамки без концепт изгледаат евтино. Како решение изберете едно поголемо уметничко дело, огледало или внимателно составена композиција. Ѕидот треба да има карактер, не случајност.

Лош распоред на мебелот

Мебел залепен за ѕид, премногу празен центар или непрактичен распоред го прават просторот непријатен и нефункционален. Добро би било да создадете „зони“ во домот, разговорна зона, релакс зона, зона за читање. Балансот прави просторот да изгледа поскап и поуреден.

Погрешни завеси

Прекратки, тенки или неквалитетни завеси веднаш го расипуваат впечатокот. Завесите треба да паѓаат до под, да бидат малку пошироки од прозорецот и од поквалитетен материјал. Ова е мал детаљ, но со огромен ефект.

Со малку внимание, топлина и баланс, секој дом може да изгледа поелегантно и попријатно.