Внатре во куќата на еден од најубавите мажи на светот: Моделот Дејвид Ганди и неговиот осет за архитектура

Случајна средба со една исклучително убава историска куќа во близина на Ричмонд Парк во Лондон го навела моделот Дејвид Генди да ја купи и целосно да ја обнови, трансформирајќи ја во совршен семеен дом.


Иако важи за еден од најпрепознатливите машки модели во светот, во суштина, Дејвид Генди е човек со длабока љубов кон историјата. Англискиот модел и долгогодишно заштитно лице на парфемот Light Blue на Dolce & Gabbana признава дека има „страст кон реставрацијата која не е ограничена само на недвижности, автомобилот во мојата гаража е Jaguar XK120, кој го обновив во соработка со Jaguar Classics“.

И како што судбината сака, токму оваа љубов кон наследството, занаетчиството и архитектурата доби своја цел за време на карантинот во 2020 година.

По години потрага по совршениот семеен дом, Генди конечно најде место каде ќе се скраси со својата партнерка, адвокатката Стефани Мендорос, и нивните ќерки – Матилда и Табита.

„Живеевме во Фулам, но откако неколку години претходно накратко изнајмивме куќа во прекрасниот Котсволдс, знаевме дека сакаме повеќе отворен простор,“ објаснува Генди. „Со години го шетавме нашето куче Дора низ Ричмонд Парк и секогаш забележував една неверојатна куќа на самиот раб на паркот.“

Иако ја опишува како „необична“, неговиот интерес бил површен сè додека еден ден не забележал дека куќата е на продажба. „Ми изгледаше како совршен компромис,“ вели тој. „Самостојна куќа на речиси половина хектар, во приватна, затворена парцела, со бескрајните зелени простори на Ричмонд Парк пред нашата врата, а сепак со лесен пристап до сите удобности на Лондон.“

Големата и приватно позиционирана куќа, особено според лондонските стандарди, била вистинска реткост. „Таа е класифицирана како ‘Зграда со градска вредност’, бидејќи е препознаена по своето значење за историјата и карактерот на локалната средина,“ објаснува Генди. Изградена во 1927 година од архитектите Арнолд Данбар Смит и Сесил Клод Бруер за американскиот филмски режисер Едвин Мидлтон, куќата има и своја „сестра“ на југот на Франција.

Но, она што навистина го привлече Генди беше нејзината уникатна архитектура. „Отсекогаш ме привлекувале симетрични куќи, а оваа беше токму спротивното,“ вели тој. „Еден архитект ја опиша како архитектонски хибрид.“

И покрај тоа, Генди ја купил куќата за своето семејство, свесен за вредноста на нејзината единственост. „Екстериерот има впечатлива кула со бакарна купола и балкон од кој се пружа неверојатен поглед кон Ричмонд Парк,“ вели тој.

Кога станало збор за ентериерот, Генди имал јасна визија. Во соработка со Ричард Садлер и Елизабет Кук од Onyx London, задолжени за архитектурата, дизајнот и изведбата, тој знаел дека сака класичен, но модерен ентериер. „Зачувувањето на карактерот, убавината и интегритетот на зградата беше клучно,“ објаснува тој. „Куќата е добро позната и вложивме огромен труд да ја задржиме нејзината оригиналност, почитувајќи ја постојната структура и историското значење.“

Реновирањето траело речиси две години и не било без предизвици, од административни до зголемување на цените на материјалите. „Имав чувство дека две години секоја вечер до доцна пребарував ентериери и материјали, но реставрацијата и дизајнот се мои големи страсти, па искрено уживав во процесот,“ признава Генди.

Овој внимателен пристап му овозможил да ги повтори и надгради големите архитектонски елементи на оригиналната структура. „Арките беа доминантен мотив низ целата куќа , од кулата до влезната врата и решивме да го продолжиме тој историски јазик, дури и во железните врати на кујната,“ вели тој.

Предната фасада е целосно зачувана, со прекрасните витражи кои го нагласуваат балконот со столбови. Единствената значајна интервенција е еднокатниот доградбен дел на задниот дел од куќата, кој е речиси невидлив од улицата и прецизна реплика на оригиналната архитектура.

Посебен фокус во реновирањето била поддршката на британското занаетчиство. „Сакав, колку што е можно повеќе, да работам со британски мајстори за да ги истакнам нивните вештини,“ вели Генди. Во куќата може да се најдат дрвени елементи од Bakehouse Kitchens, подови во ‘рибја коска’ и плочки од Eden Clay, по мерка изработена када од Aquaroc, како и мермер и санитарии од Lusso Stone.

Иако доминира неутрална, кремаста палета која овозможува природен тек меѓу просториите, Генди сакал да внесе и чувство на природа. Без ангажирање на ентериерен дизајнер, парот самостојно ги избрал боите.

Кујната совршено ја илустрира рамнотежата меѓу традиционалното и современото. Просторот е исполнет со светлина, благодарение на архитектонските челични врати, додека панелните детали на ѕидовите и шкафовите се омаж на дизајнерските кодови од 14 век.

Домот, со вкупна површина од околу 560 квадратни метри, располага со 19 простории, шест спални и седум бањи. Просторот е осмислен за дружење, со гостински апартмани на горниот кат, секој со сопствена бања.

Некои простории, како работната соба, носат силен личен печат на Генди, темно зелени тонови и инспирација од ентериерите на модниот дизајнер Ралф Лорен. „Можеби тоа е потсвесен одраз на моите децении во модната индустрија,“ вели тој.

За време на доградбата, Генди открил временска капсула закопана во 1960-тите од поранешните сопственици, меѓу кои и актерот Најџел Планер. Во контакт стапиле и потомците на оригиналниот сопственик, Едвин Мидлтон, споделувајќи архивски фотографии.

„Свесни сме за уникатната историја на оваа куќа и за нашата улога како нејзини чувари за идните генерации,“ заклучува Генди.

Н.Т