Милјана Ѓуровска: Македонката во првите редови на неделата на висока мода во Париз: Стил за почит

Во свет каде модата често се сведува на моментален впечаток, македонката Милјана Ѓуровска делува поинаку. Нејзиниот стил не е декларативен, туку длабоко промислен. Присутна на Париската недела на висока мода, во првите редови на најпрестижните ревии, таа не е таму како случаен гостин, туку како жена со изграден визуелен идентитет, автентична естетика и препознатлива енергија, дури и за највисоката светска модна елита.

Ја препознаваат и светските фотографи, а често нејзини фотографии се наоѓаат во елитните магазини за мода кои ја претставуваат како стилска инспирација.

Иако Париз е градот каде што нејзината модна приказна најчесто се одвива, нејзиниот живот и работа се цврсто втемелени во Франкфурт, од каде што гради сопствен пат, без агенти, без формални менаџери, но со јасна визија. Ние направивме интервју со неа и од „прва рака“ ни сподели нешта од најгламурозниот моден настан во светот.

FASHIONEL: Која беше вашата прва реална работа поврзана со мода по преселбата?
– Во Франкфурт сум од 2019 година и организирам модни настани. Досега за бутиците на Dior и Ferragamo во Франкфурт, како и приватни средби и добротворни манифестации.

FASHIONEL: Дали имавте професионална поддршка или успеавте сами да се пробиете?
– Професионална поддршка од агент/менаџер директно не сум имала, се оди преку контакти.

ПАРИЗ КАКО ВДИШУВАЊЕ

Таа не зборува за Париз како за град, туку како за културен код.

FASHIONEL: Како Париз ве инспирира на секојдневно ниво, не само во мода, туку и во стилот на живот?
– Париз ме инспирира да живеам посвесно. Таму стил не е само тоа што го носиш, туку и како се движиш, зборуваш, комуницираш со луѓето. Париз те прави поелегантна и верна на себе, не само во модата, туку и во начинот на живот.

ПАТ ДО ПРВИТЕ РЕДОВИ

FASHIONEL: Кога и како добивте прва официјална покана за модна недела?
– Првата официјална покана на Париската модна недела беше во јануари 2023. Оттогаш наваму секоја година минимум 2 пати добивам покани од различни дизајнери и за различни ревии.

FASHIONEL: Дали поканите се персонализирани?
– Поканите се секогаш персонализирани. Даваш име и презиме и твојот Instagram account, и PR тимот одлучува дали ќе те поканат, дали твојата естетика одговара на дизајнерот.

FASHIONEL: Дали некогаш сте работеле со модни агенции?
– Со модни агенции не, но PR тимовите се во мојот случај задолжени за поканите.

FASHIONEL: Кои беа првите дизајнери што ве повикаа во прв ред?
– Stephane Rolland, Georges Hobeika, Gaurav Gupta, Franck Sorbier… сите од официјалниот календар на Федерацијата за Висока Мода.

FASHIONEL: Како функционира системот на покани?
– Во мојот случај тоа е комбинација од препораки и директни познанства со PR-от на дизајнерот.

ВИСОКА МОДА – ИСКУСТВО ОД ВНАТРЕ

FASHIONEL: Како би го опишале искуството да седите во првите редови?
– Да седиш во прв ред, па и самото присуство на ревијата е како да влегуваш во друг свет, свет каде секоја секунда е чиста магија. Секоја силуета ти зборува директно.

FASHIONEL: Колку тоа влијае на вашиот стил?
– Тоа искуство ми го изостри окото. Денес бирам квалитет, смиреност, сигурност. Кон модата гледам со почит, ја чувствувам, а не само носам.

FASHIONEL: Каква е атмосферата „одвнатре“?
– Пред почетокот додека гостите се сместат, зависно од организацијата, знае да биде напнато. Фотографи од сите страни, сликања, славни личности, гужва. Но самото шоу, т.е. ревијата е магична, тогаш времето запира, светлата се гасат, музиката започнува и енергијата се чувствува во воздухот. Да ја гледаш ревијата на лице место е друго искуство, ги гледаш деталите, материјалите, движењето и емоцијата зад секој изглед.

FASHIONEL: Како со забележливост?
– За да бидеш забележан мора да бидеш впечатлив, така фотографите ќе те забележат и ќе добиеш повеќе внимание. Долг гламурозен фустан за Haute Couture неделата и впечатлив look за Ready-to-Wear е полн погодок.

FASHIONEL: Најсилна меморија од ревија?
– Најсилната меморија е од ревијата на Stephane Rolland одржана на 27.01. Самото место, поканетите гости, познати лица од светот на политиката и јавниот живот, моделите кои се движеа споро, сигурно, со апсолутна контрола, како и перформативниот сценски настап на прекрасната балерина-акробат која како шлаг на торта дефилираше на сцената.

ЛИЧНА МОДНА ФИЛОЗОФИЈА

Нејзиниот стил е инспириран од високата мода и архитектурата. Чисти линии, елеганција и силна форма.

FASHIONEL: Како би го опишале вашиот стил во една реченица?
– Мојот личен стил е квалитет, структура и јасна естетика.

FASHIONEL: Што ве инспирира при избор на аутфити за големи настани?
– При изборот на аутфити за модни настани ме инспирира атмосферата, архитектурата на просторот и емоцијата што сакам да ја пренесам. Исто така и самиот дизајнер и контекстот на прикажаната колекција.

FASHIONEL: Дали имате модни икони?
– Во модата ме инспирираат жени и креатори со силен идентитет: Coco Chanel, Carolyn Bessette-Kennedy, Sophia Loren, како и дизајнери како Alaïa и Stephane Rolland каде елеганцијата и структурата се во рамнотежа.

FASHIONEL: Колку често носите уникатни/уметнички креации?
– Би сакала многу почесто, но гледам да бидам поинаква, поуникатна од останатите, некогаш е доволно само со некој детал тоа да се долови.

FASHIONEL: Како се осмислува вашиот стил, интуитивно или планирано?
– Секогаш сама и секогаш планирам минимум 1 месец однапред. Немам тим што ми помага во стилизирање, но имам помош при дизајнирање на некоја креација.

ДИЗАЈНЕРИ, АТЕЛЈЕА, ВРСКИ

FASHIONEL: Со кои модни дизајнери сте најблиска?
– Со Gaurav Gupta и Stephane Rolland се познавам лично и имаме одлична соработка.

FASHIONEL: Дали сте посетиле ателјеа како гостинка или колаборатор?
– Секако, после секоја модна ревија сум поканета во модното ателје каде имам можност да ги видам моделите во живо.

FASHIONEL: Какво беше искуството во ателјето на Gaurav Gupta?
– Новиот простор на Gupta зрачеше со креативност. Владееше мирна, а истовремено инспиративна атмосфера, комбинација од страст и дисциплина.
Gaurav Gupta е многу непосреден, ведар и позитивен лик. Негов тим е топол и професионален, со јасна визија. Прекрасна енергија.
По излегувањето од ателјето се чувствував инспирирана и мотивирана да создадам нешто свое.

FASHIONEL: Дали некој дизајнер ве изненади со гест?
– Како не… и Stephane Rolland и Gupta беа стопроцентно присутни и одвоија голем дел од нивното време во разговор и дружење. Gupta ми подари еден прстен дел од неговата колекција, а Stephane е мој идол и взаемната енергија со него беше очигледна.

FASHIONEL: Кој дизајнер најмногу влијае на вашата визија?
– Alexander McQueen — за авангарда, скулптуралност и драматичен печат.
– Jean Paul Gaultier — театралност, структура, женственост.
– Schiaparelli — необични детали, фантазија, statement парчиња.
– Gaurav Gupta — иновативност, уникатност, посветеност.
– Stephane Rolland — скулптурални фустани, драматична елеганција.
– Elie Saab — гламурозност, чипка, везење, женствени силуети.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Miljana Gjurovska (@miljana_milingva)

МЕДИУМИ, МАКЕДОНИЈА И ИДНИНАТА

FASHIONEL: Како медиумите во Париз ве перципираат?
– Инспиративна и софистицирана, автентична и релатабилна.

FASHIONEL: Дали блогерите-инфлуенсерите играат улога?
– Не баш секој е концентриран на себе за време на модните настани, и сите одат на различни ревии. Сепак, навечер во Hotel Costes е местото каде се среќаваме и си ги прераскажуваме впечатоците.

FASHIONEL: Како се случува процесот на фотографии?
– Зависи од настанот, некогаш како во овој случај сами приоѓаат и те сликаат ако сметаат дека си тренди, а доколку сакаш за твојот контент, закажуваш приватен фотограф.

FASHIONEL: Дали се запознавате со други модни уметници и фоторепортери?
– Да, со секое одење во Париз се запознавам со нови млади дизајнери и фотографи.

FASHIONEL: Колку често патувате во Македонија?
– Гледам барем еднаш годишно да дојдам во Македонија.

FASHIONEL: Дали имате контакти со модната сцена во Скопје/Македонија?
– Имам секако, ја поддржувам и со задоволство ја следам модната сцена во Македонија.
FASHIONEL: Дали мислите дека македонската мода е доволно видлива на светско ниво?
– Да, мислам дека се движи во добра насока. Имаме многу млади, иновативни и успешни модни дизајнери. Треба да се поработи повеќе на квалитет, како избор на материјали и крој.

FASHIONEL: Би ја претставиле Македонија на големи модни сцени?
– Зошто да не, ако ме побараат со задоволство би поддржала нашиот дизајнер/ка.
Се ближи Канскиот филмски фестивал, еве отворен повик до дизајнерите ако сакаат да ги претставам.

FASHIONEL: Дали Македонија влијае на вашиот стил и визуелен израз?
– Да бидам искрена, не баш, ќе поработам на тоа во иднина.

FASHIONEL: Како мислите дека модата ќе се развива во следните 5–10 години?
– AI и персонализација можеби, како и во сите други полиња.
– Ќе се шири улогата на архитектонски и скулптурални елементи.
– Unisex линии, повеќе автентичност, лимитирани парчиња, локален artisan craft во комбинација со глобалните трендови.

FASHIONEL: Дали планирате да создавате сопствена модна линија/колекција?
– Повеќе би сакала некој вид на соработка со веќе реномиран дизајнер.

FASHIONEL: Што мислите дека е најголемото предизвикување за денешната мода?
– Предизвикот е да останеш верна на својот стил, додека светот околу тебе брзо се менува.

FASHIONEL: Како ја дефинирате „вистинска модна икона“?
– Личност што ја обликува модната сцена, не само што следи трендови, туку ги креира, интерпретира и популаризира, со уникатен и препознатлив стил, а притоа останува верна на себе.

FASHIONEL: Што би посоветувале на млади дизајнери/модни ентузијасти што сонуваат за Париз?
– Да бидат препознатливи, да развиваат свој бренд, да учат и да се билдaт со знаење, да бидат во тек со настаните и да бидат почесто присутни.

ПРАШАЊА ЗА ПОДЛАБОК ПРОФИЛ

FASHIONEL: Која е вашата прва меморија на мода што ве дефинираше?
– Мајка ми имаше еден виолетово-зелен светкав фустан од 80-тите. Кога ја гледав како го носи знаев дека модата е израз на душата, а не само облека.

FASHIONEL: Дали имате модна „филозофија“ која секогаш ја следите?
– Модата не е тренд, туку израз, инспирација и печат.

FASHIONEL: Што значи „шик“ за вас — париски, но и личен стил?
– Chic за мене претставува сигурна во својот стил, софистицираност без напор, како и луксуз со минимализам.

FASHIONEL: Дали некогаш сте почувствувале притисок од мода и како го надминавте?
– Притисокот е постојаната трка да бидеш оригинален, препознатлив и релевантен во свет кој постојано еволуира, но мора да се балансира. Преземам трендови, но им вметнувам свој стил.

FASHIONEL: Кое парче облека најмногу ве одредува како личност?
– Statement фустан и моќен капут, или блејзер — софистицирана, сигурна и оригинална.

ЗА КРАЈ – ИНСПИРАЦИЈА

FASHIONEL: Како мода ја дефинира вашата врска со светот?

– Модата за мене не е само облека, туку начин да ја изразам својата енергија, став и вредности.

FASHIONEL: Ако имате само еден совет за „носите уметност“, што би било тоа?
– Носиме уметност кога модата ја претвораме во израз на душата, емоција и креативна визија.

FASHIONEL: Што би сакале светот да знае за Милјана што не е јавно познато?
– Сакам светот да ја види мојата енергија, мојот стил и печат, оригинален, доследен и инспиративен.

FASHIONEL: Како би сакале да бидете запаметени во модата?
– Како некој со предобар вкус и осет за мода.

FASHIONEL: Дали постои нешто што сè уште не сте пробале, а го сакате?
– Да, барем едно Haute Couture парче од секоја можна колекција.

Небојша Толески