Карл Лагерфелд имаше едноставен совет за жените кој сѐ уште важи

Во светот на модата малкумина оставиле толку силен печат како легендарниот Карл Лагердфелд. Човекот кој со децении ја обликуваше естетиката на модните куќи како Chanel и Fendi важеше за некој што не само што создава трендови, туку и поставува правила за стилот.

Сепак неговиот најмоќен совет за облекување е изненадувачки едноставен – стилот нема врска со цената на облеката.

Лагерфелд еднаш изјави дека никогаш не треба да се користи зборот „евтино“, затоа што денес секој може да изгледа шик и во достапна облека.

Според него, добар дизајн постои на секое ниво, а вистинската елеганција доаѓа од начинот на кој ја носите облеката. Дури и едноставна комбинација како маица и фармерки може да изгледа неверојатно стилски ако имате став и самодоверба.

Лагерфелд веруваше дека облеката е само продолжение на карактерот. Затоа често нагласуваше дека жените не треба да се облекуваат за да импресионираат други жени или јавноста, туку пред сè за себе.

„Облекувајте се за себе и за човекот што го сакате, ако го има,“ гласеше една од неговите познати изјави.

Оваа филозофија ја направи модата подостапна и помалку оптоварена со правила. Наместо слепо следење трендови, тој промовираше индивидуалност, идеја која и денес доминира на модната сцена.

Тој секогаш велеше дека вистинската тајна е комбинацијата, деталите и самоувереноста со која се носи облеката. Токму затоа неговиот совет е актуелен и денес.