Сериозен пад на интересот за учество на престижните модни недели: започна Париската модна недела

Модната недела во Париз започна официјано вчера, кога белгиската дизајнерка Џули Кегел приреди извонредно шоу, Стефани Данан триумфираше со CO, а највпечатливиот момент на IFM го имаше Јусра Јусуфа.

*Од ревијата на Џули Кегел

Низа млади таленти се претставија првата вечер, потврдувајќи ја магнетната моќ на француската престолнина да привлече млади дизајнери.

Во текот на наредните денови ќе ги видиме најголемите светски модни куќи и нивната следна визија, но…

Додека некои големи модни куќи се повлекуваат само за една сезона, голем број млади и независни етикети целосно се откажуваат од ревиските настапи, преиспитувајќи ги своите буџети во услови на намален wholesale-сектор, слаба потрошувачка, трговска нестабилност и растечки трошоци.

Конечниот календар за есен 2026 година вклучува 67 ревиски шоуа, наспроти 74 минатата сезона, и 31 презентација, во споредба со 37 минатата есен.

„Работиме во променлив пејзаж кога станува збор за можностите што им стојат на располагање на младите брендови,“ изјави Паскал Моран, извршен претседател на Федерацијата за висока мода и мода (FHCM), која во последните години лансираше низа иницијативи за поддршка на новите етикети.

*Од ревијата на Стефани Данан

„Од нив се бара не само креативност, туку и способност да осмислат иновативни начини за дистрибуција на колекциите и градење заедници,“ додаде тој.

Меѓу брендовите што настапија во септември, а оваа сезона ги нема, се Валентино, Мезон Марџиела, Сацаи, Том Браун, Казабланка, Кристофер Есбер, Коперни, Ветеман, Џамбатиста Вали, Мерил Рож и Леонард.

Индустриските набљудувачи посочуваат дека банкротот на Saks Global, заедно со бранoт затворања и реструктурирања на е-commerce платформите како Ssense, Matches и Farfetch, има сериозно влијание врз одлуката на независните брендови да се повлечат од ревиската трка.

„Но, искрено, ситуацијата не е толку едноставна. Секој бренд има свои причини, а сè почесто гледаме дека брендовите прават само едно шоу годишно,“ вели Лусиен Паж, чија ПР и комуникациска агенција работи со луксузни куќи, но и со млади дизајнери.

*Од ревијата на IFM

Некои брендови ги диверзифицираат своите календари преку дестинациски ревии, со цел да создадат пофокусирано медиумско внимание и културно влијание надвор од презаситените модни сезони.

Валентино во декември откри дека наредната ревија исклучително ќе ја одржи во Рим, на 12 март. Мезон Марџиела ќе се претстави во Шангај на 1 април, како дел од поширока активација на брендот во Кина, додека Том Браун ја претстави својата колекција во Сан Франциско, во пресрет на Супербоул.

Други брендови се во транзициска фаза, додека продолжува менувањето на креативните директори. Мерил Рож, која дебитираше како креативна директорка на Марни во Милано, најави враќање во Париз во јуни. Леонард ја паузира сезоната по разделбата со креативниот директор Георг Лукс, со планови за враќање во октомври.

Некои пак се во потрага по нови сопственици или инвеститори.

По откажувањето на haute couture ревијата, Џамбатиста Вали се повлече и од ready-to-wear календарот, иако првично беше планирано шоу на 6 март. Според пазарни извори, матичната компанија Artémis, инвестициското крило на семејството Пино, тивко ја разгледува можноста за продажба на брендот.

Во време кога модните куќи сè почесто организираат спектакуларни забавни настани, брендовите со поддршка од конгломерати можат да привлечат глобално внимание со ревии преполни со ѕвезди, додека независните дизајнери се борат да бидат забележани.

Во календар доминиран од присуство на Бијонсе или Џису од Blackpink во првиот ред, помалите брендови тешко доаѓаат до видливост во салоните и на социјалните мрежи. А кога дури и мало шоу чини над 100.000 евра, многу дизајнери се прашуваат дали повратот на инвестицијата навистина го оправдува трошокот.

„Модните ревии се исклучително скапи, а за помалите куќи тоа е најголемата инвестиција. Многу е тешко да се добие поврат, а истовремено тоа е нивната главна комуникациска алатка. Но, сфативме дека и со само едно шоу годишно може да се постигне вистинско влијание,“ вели Паж.

Коперни, еден од неговите клиенти, е отсутен поради спор со платформата Tomorrow London, која од 2019 година беше акционер и дистрибутер на брендот.

„Односот значително се влоши, до степен кога Коперни веќе нема средства за развој. Во тој контекст, и од почит кон нашите тимови и партнери, одлучивме да не одржиме ревија оваа сезона,“ соопштија коосновачите Себастијан Мајер и Арно Вајан.

Промените во wholesale-пејзажот, построгите услови за плаќање и намалените обеми на нарачки дополнително го влошуваат кеш-флоуто на дизајнерите, принудувајќи ги да бараат нови извори на приходи, особено преку директна продажба на потрошувачите.

„Илузијата дека бренд може да стане глобален за три до пет години беше исклучок, не правило. Денес, потребни се најмалку десет години за брендот да опстане и уште толку за да го разбере својот купувач,“ заклучува Мартиното.

Сè повеќе дизајнери се враќаат кон занаетчиството, поп-up концепти, made-to-measure и директна комуникација со заедницата, сигнал дека модата повторно се движи кон поспор, но поодржлив модел.

Н.Т