И оваа сезона ќе носиме точки

Точкестиот дезен е еден од оние модни мотиви што со децении успешно се враќаат на сцената. Од легендарните фустани на Мерилин Монро до елегантните комбинации на принцезата Дајана, точките секогаш биле симбол на стил со доза шарм и ретро нота.

Денес, точкестиот дезен не е резервиран само за романтични фустани, го гледаме на кошули, блузи, панталони, костуми, па дури и на модни додатоци.

И оваа сезона ќе носиме точки, прашањето е само: Какo ќе ги комбинираме?

Нека точките бидат ѕвезда на комбинацијата

Ако носите впечатливо точкесто парче, на пример, миди фустан со големи бели точки, останатиот дел од стајлингот нека биде едноставен. Чевли и чанта во една боја (црна, беж или црвена) ќе создадат избалансиран изглед без пренатрупаност.

Комбинирање со еднобојни парчиња

Најбезбедната и најелегантна варијанта е точкест дезен + еднобојна основа.
Точкеста кошула одлично изгледа со класични фармерки или со струкиран блејзер во неутрална нијанса. Оваа комбинација е идеална и за работа и за дневно кафе.

Игра со големината на точките

Малите точки делуваат суптилно и софистицирано, додека големите создаваат драматичен ефект. Ако сакате визуелно да издолжите силуета, одберете ситни точки на темна основа. Големите точки се одличен избор за летни фустани и впечатливи модни изјави.

Точки со други дезени, да или не?

Да, но внимателно. Точките може да се комбинираат со риги или цветен дезен ако боите се усогласени. На пример, црно-бела точкеста блуза може да се спои со суптилен блејзер на риги во иста палета. Клучот е во балансот, еден дезен нека доминира.

Ретро вибрации со модерен пристап

Инспирација можете да најдете и во колекциите на модни куќи како Dolce & Gabbana, кои често го враќаат точкестиот дезен со современ пресврт, комбинација од класични кроеви и модерни детали.

Точкестиот дезен е безвременски избор што може да биде и романтичен и моќен, зависно од начинот на комбинирање. Тајната е во умереноста и во правилниот баланс на боите и формите. Со внимателен избор, точките лесно стануваат највпечатливиот дел од вашиот стајлинг без да изгледате претерано.