Македонска сончева аналема: Со знакот на бесконечност, фотографот Боби Кузманоски направи ремек- дело

Сончева аналема (или соларна аналема) е фигура во форма на бројката 8 што ја опишува положбата на Сонцето на небото ако го фотографирате секој ден во исто точно време, од исто место, цела година.

Сончева аналема е годишниот потпис на Сонцето на небото.

На некои стари глобуси и сончеви часовници има врежана аналема за попрецизно време.

Се работи за комплициран процес, но тоа му успеа на македонскиот фотограф Боби Кузманоски. Еве што кажа на својот ФБ профил:

„Сончева Аналема над Скопје
Одамна ме привлекуваа фотографиите на сончева аналема, онаа убава крива во облик на бројот 8 која настанува кога ќе го фотографираш Сонцето секој ден, во исто време, цела година. Сакав да направам своја верзија, но со препознатливата панорама на Скопје во позадина, и така да ја создадам првата сончева аналема сликана од македонски автор на македонско тло.
Проектот бараше дисциплина и трпеливост. Поради работните обврски, најлесно беше да сликам за време на викендите, па така еднаш неделно излегував на она добро познато место, покривот од мојата зграда, и во исто време го фотографирав Сонцето. Планираното време беше 14:30, но уште на првата сесија поради технички проблем направив фотка дури во 14:50 и тоа стана фиксниот термин за целата година.

Македонска сончева аналема: Со знакот на бесконечност, фотографот Боби Кузманоски направи ремек- дело

Временските услови во голема мера ми излегоа во пресрет. При делумна облачност, магла или тенки слоеви на провидни облаци сепак сликав, бидејќи ми требаше само точната позиција на Сонцето на небото, а не остра или совршено направена фотографија. Само три пати облачноста беше толку густа што сликањето беше невозможно. Тие три позиции се претставени на финалната фотографија преку Сонце со послаб интензитет.
Единствено прилагодување беше потребно при преминот од летно на зимско сметање на времето. Сонцето не го следи нашето поместување на часовникот, туку се движи според универзалното време (UT) и не знае дека ние ги поместивме стрелките за еден час. Па така јас го поместив фотографирањето за еден час и наместо во 14:50 сликав во 13:50. Така останував во чекор со Сонцето, а не со часовникот. Во март, кога се вративме на летно сметање на времето, сликањето се врати на 14:50.
Оваа фотографија е кулминација на едногодишен проект за документирање на патеката на Сонцето над нашиот град. Како вчера да беше кога, без многу размислување, одлучив да се нафатам на овој долготраен и барем малку луд проект. По 365 дена посветено фотографирање и трпеливо чекање на ведро небо, резултатот е фасцинантен визуелен запис во кој Сонцето ја исцртува својата карактеристична осумка, издигнувајќи се високо над Милениумскиот Крст на Водно во лето и спуштајќи се ниско над хоризонтот во зима, спојувајќи го урбаниот пејсаж на Скопје со космичкиот ритам“.