
Во современите станбени проекти, особено во урбаните центри, трпезаријата полека исчезнува како автономен простор. Наместо посебна просторија со јасна функција, денес најчесто гледаме „остров“ во кујната, мала маса покрај дневната соба или целосно интегриран отворен простор концепт во кој кујната, дневниот престој и јадењето се случуваат во ист архитектонски волумен.
Но, ова не е случајна естетска одлука, туку резултат на длабоки економски, урбанистички и социолошки промени што ја трансформираат современата архитектура на домувањето.
Реномирани светски медиуми за архитектура и домување, како Architectural Digest, Dezeen и ArchDaily, со години анализираат како отворениот концептот стана доминантен модел во современите станови. Наместо поделба на функции по соби, денешната архитектура инсистира на „флуидност“ или просторот да изгледа поголем, посветол и пофлексибилен.
Една од главните причини е економијата на квадратот. Во голем дел од новоградбите, инвеститорите се обидуваат максимално да ја намалат квадратурата, а притоа станот визуелно да делува пространо. Токму затоа ѕидовите исчезнуваат. Трпезаријата, како просторија што традиционално бара дополнителен простор, станува „луксуз“ кој најчесто прв се елиминира.

Зошто во многу нови станови исчезна вистинската трпезарија?
Според анализите на Axios и истражувањата на John Burns Research and Consulting, речиси 80% од дизајнерите во новите станбени проекти велат дека формалната трпезарија денес се смета за помалку важна отколку пред една деценија.
Архитектонски гледано, отворениот модел има и функционална логика. Со отстранување на преградните ѕидови, природната светлина подлабоко навлегува во ентериерот, а малите станови визуелно изгледаат поголеми. Ова е особено важно во густо населени градови, каде становите сè повеќе се сведуваат на минимална квадратура. Во ваков контекст, класичната трпезарија се смета за „неефикасна“ зона, простор што се користи повремено, но зазема значителна површина.
Но исчезнувањето на трпезаријата не е само архитектонско, туку и културолошко прашање. Начинот на живеење драматично се промени. Современото семејство поретко јаде во исто време, храната сè почесто се консумира индивидуално, а дигиталната култура го претвори домот во мултифункционален простор, канцеларија, место за одмор, фитнес зона и социјален простор истовремено. Токму затоа, фиксната трпезарија се заменува со „флексибилни“ простори што можат да ја менуваат функцијата во текот на денот.
Сепак, многу архитекти денес почнуваат критички да гледаат на оваа тенденција. По децении доминација на отворениот концептот, сè почесто се зборува за враќање на „зонирани“ ентериери. Причината е едноставна, целосно отворениот простор создава акустичен хаос, недостаток на приватност и губење на психолошката поделба меѓу функциите на домот. Кујнските мириси, бучавата од апаратите и постојаната визуелна изложеност почнуваат да се доживуваат како заморни, особено по пандемијата, кога домот стана место за работа и долготраен престој.
Интересно е што современите трендови во ентериерот веќе покажуваат суптилно враќање на трпезариската зона, но во нова форма
Наместо класична одделена просторија, архитектите денес создаваат „полу-зонирани“ простори или ниши за јадење, седење, стаклени прегради или т.н. план концепти, каде просторот е поврзан, но не и целосно отворен. Architectural Digest и Homes & Gardens веќе нотираат дека новите трендови бараат повеќе интимност и функционално раздвојување во домот.
Во суштина, исчезнувањето на вистинската трпезарија не значи само промена на еден дел од станот. Тоа е архитектонски симптом на поширока трансформација, домот повеќе не се проектира околу ритуалот на заедничко јадење, туку околу максимална ефикасност, флексибилност и економија на простор.
Н.Т
Интересно е што современите трендови во ентериерот веќе покажуваат суптилно враќање на трпезариската зона, но во нова форма