Македонската модна сцена и проблемот со копирањето: инспирација или плагијат?

Во модната индустрија отсекогаш постоела тенка линија меѓу инспирацијата и копирањето. Модата, по својата природа, функционира преку референци, влијанија и визуелни дијалози меѓу дизајнерите, епохите и трендовите. Но во последната деценија, особено со експанзијата на социјалните мрежи и брзата дигитална продукција, прашањето за оригиналноста стана едно од најконтроверзните во светската, но и во македонската модна сцена.

Во Македонија, оваа тема најчесто се отвора тивко, преку споредби на фотографии, анонимни коментари, Инстаграм, таканаречени „call-out“ објави или неформални разговори во модните кругови. Ретко кој јавно зборува за копирање, уште поретко некој покренува правна постапка, но чувството дека голем дел од домашната сцена функционира преку „инспирирање“ од веќе постоечки светски модели е речиси општоприфатено.

Прашањето е каде завршува инспирацијата, а каде започнува плагијатот?

Според правните и модните експерти, одговорот не е едноставен. Во анализата на Vogue College of Fashion, професорката и експерт за модно право Изабел Антон објаснува дека модната индустрија е специфична затоа што „инспирацијата“ е вградена во самиот систем на создавање трендови. Но таа прави јасна разлика меѓу реинтерпретација и директна визуелна репликација. Кога дизајнот создава конфузија кај публиката или речиси идентично ги повторува кројот, пропорциите, конструкцијата и визуелниот идентитет на оригиналот, тогаш веќе се отвора прашањето за плагијат.

Токму тука лежи и најголемиот проблем на малите модни сцени, каква што е македонската. Во услови на ограничен пазар, мал број професионални модни критичари и речиси непостоечка правна заштита за авторски моден дизајн, границите стануваат уште понејасни. Голем дел од локалните брендови функционираат во естетски рамки на тивок луксуз, класична елитна елеганција, скандинавски минимализам, кроење инспирирано од висока мода или преголеми волуменозни силуети во стилот на Баленсијала тип на предимензионирани силуети. Во таков контекст, визуелната сличност често се оправдува како „тренд“.

Но проблемот настанува кога инспирацијата престанува да биде интерпретација и станува директно пресликување. Во македонската реалност, тоа најчесто не се случува преку масовната брза мода систем како Зара или Шеин, туку преку „битици продукција“ – мали брендови или ателјеа што буквално репродуцираат модели од Пинтерест, Инстаграм или светски колекции кои се прикажуваат на модната писта, понекогаш менувајќи само материјал или нијанса.

Македонската модна сцена и проблемот со копирањето: инспирација или плагијат?

Медиумот The Fashion Law посочува дека модата историски отсекогаш живеела од референци, но дека имитацијата подразбира „суштинско копирање“ на конструкцијата, формата, принтот или визуелниот код на едно парче. Инспирацијата, напротив, значи преземање елементи и нивна трансформација во нов авторски јазик.

На Балканот, проблемот дополнително се комплицира поради специфичната култура на модниот пазар. Во Србија, Хрватска и Бугарија веќе постојат јавни дебати околу копирањето на regional couture дизајни, особено во невестински и глам тоалети сегментот. Голем број балкански дизајнери отворено зборуваат дека нивните модели се копираат во рок од неколку недели, најчесто од помали локални студија или онлајн бутици. Но истовремено, и самите балкански сцени често се обвинувани дека визуелно се потпираат премногу на глобални луксузни брендовски кодови.

Во Македонија, ситуацијата е уште посензитивна бидејќи модната индустрија е мала и персонализирана. Речиси сите се познаваат меѓу себе, па затоа критиката ретко станува јавна. Наместо институционална дебата за авторство, се создава неформална „култура на премолчување“. Многу дизајнери приватно ќе признаат дека постои копирање, но малкумина ќе го кажат тоа јавно бидејќи пазарот е ограничен, а конфликтите лесно стануваат лични.

Истовремено, социјалните мрежи создадоа и нова илузија за оригиналност

Денес речиси е невозможно да се создаде нешто што визуелно нема да потсети на нешто веќе видено. Алгоритмите постојано репродуцираат исти естетики, исти пози, исти кроеви и исти визуелни трендови. Токму затоа многу светски експерти денес предупредуваат дека проблемот не е само во копирањето, туку во исчезнувањето на автентичниот авторски процес.

Меѓународниот совет за дизајн (ICoD) предупредува дека copycat културата го деградира самиот дизајнерски процес, бидејќи наместо истражување, концепт и иновација, се копира само површинската естетика.

Но реалноста е и поиронична, модната индустрија никогаш целосно не го осудила копирањето. Напротив, многу луксузни брендови историски профитирале токму од масовната репродукција на нивната естетика. Business of Fashion дури анализира дека модниот систем функционира преку циклична „култура на заемки“, каде трендовите постојано се реинтерпретираат од различни нивоа на индустријата.

Токму затоа, клучното прашање не е дали модата смее да се инспирира, бидејќи отсекогаш се инспирирала. Прашањето е дали дизајнерот внесува сопствена визија, сопствена конструкција и сопствен идентитет во тоа што го создава.

А тоа е можеби и најголемиот предизвик за македонската модна сцена денес, како да изгради автентичен локален моден јазик во време кога целиот свет визуелно почнува да личи сам на себе.

Небојша Толески