Архитектура или психолошки експеримент? Мистериозниот комплекс што со децении предизвикува страв

Во современата архитектура постојат градби што фасцинираат со технологија, естетика или инженерска комплексност. Но постојат и објекти што успеале да создадат нешто многу поретко, колективна глобална мистерија.

Меѓу нив, речиси без конкуренција, се издвојува Denver International Airport, (Интернационалниот аеродром во Денвер) што со децении е предмет на архитектонски анализи, културолошки дебати и безброј теории на заговор.

Отворен во 1995 година и дизајниран од архитектот Куртис Фентрес и неговото архитектонско студио, овој аеродром не е мистериозен затоа што не се знае како бил изграден. Напротив, техничката документација и инженерските процеси се добро познати.

Мистеријата лежи во нешто друго- зошто е дизајниран токму така?

Архитектура што изгледа како симболички код

На прв поглед, терминалот изгледа како футуристичка интерпретација на снежни врвови или шатори на домородните американски племиња. Белата тефлонска мембранска конструкција на покривот била замислена да ги рефлектира Скалестите Планини и пејзажот на Колорадо. Но токму архитектонската симболика отвори простор за сомнежи.

Многу критичари и истражувачи со години укажуваат дека комплексот е исполнет со необични визуелни и просторни пораки како огромни подземни тунели, масонски симболи, апокалиптични мурали, скриени простори, необична организација на просторот, изолирана локација далеку од урбаното јадро.

Архитектонските критичари често нагласуваат дека Денвер Интернешнл Ерпорт функционира повеќе како „наративна архитектура“ отколку како класичен транспортен објект, простор што создава психолошка атмосфера, а не само функционалност.

Подземниот свет под аеродромот

Еден од најконтроверзните аспекти на комплексот е мрежата подземни тунели.

Официјално, тие биле изградени за автоматизиран систем за багаж, логистика, сервисни комуникации, транспорт меѓу терминалите.

Но токму овој систем станал извор на огромни шпекулации.

Причината е што првичниот автоматизиран систем за багаж доживеал спектакуларен инженерски колапс. Проектот доцнел 16 месеци и чинел милијарди долари повеќе од предвиденото. Токму овие доцнења и огромните финансиски надминувања создадоа сомнежи дека под аеродромот постои многу повеќе од обична инфраструктура. Некои урбани теоретичари и истражувачи на архитектонска симболика тврдат дека димензиите на подземните структури не кореспондираат целосно со официјалните објаснувања.

Сепак, досега нема докази што потврдуваат постоење на тајни бази или скриени комплекси.

Муралите што ја шокираа Америка

Најконтроверзниот дел од аеродромот се муралите на уметникот Лео Тангумa.

Овие огромни композиции прикажуваат војници со гас-маски, уништени градови, исплашени деца, сцени на смрт и хаос, а потоа визии на мир и глобално единство.

Дел од јавноста ги толкуваше како уметничка критика на војната и насилството. Но други сметаа дека визуелниот јазик е премногу мрачен за јавен аеродром.

„Тајмс оф Индија“ неодамна анализираше дека токму апокалиптичната симболика е причината поради која овие дела со години создаваат чувство на колективна нелагодност кај посетителите.

Архитектонски теоретичари нагласуваат дека овде не станува збор само за уметност, туку за интеграција на уметноста во архитектонскиот наратив на просторот.

А токму тоа ја прави целата структура толку психолошки моќна.

„Блу Мустанг“, статуата што стана урбана легенда

Пред самиот аеродром стои една од најморничавите јавни скулптури во Америка, огромниот син коњ со светлечки црвени очи, наречен „Blue Mustang“, популарно познат како „Блуцифер“.

Статуата висока 10 метри ја изработил уметникот Луис Хименез. Но приказната доби мрачна димензија кога дел од скулптурата паднал врз самиот автор и го усмртил за време на изработката. Оттогаш, „Блуцифер“ стана центар на бројни теории на заговор и симбол на мистичната репутација на аеродромот.

Многу архитектонски аналитичари сметаат дека токму комбинацијата на монументална скала, агресивна експресија и трагичната приказна создава чувство на „архитектонска нелагодност“.

Масонската плоча и симболиката на „Новиот свет“

Дополнителна контроверзија создаде и камената плоча поставена при отворањето на аеродромот, на која стои натписот „New World Airport Commission“. Проблемот е што не постојат јасни податоци за таква организација.

На плочата се појавуваат и масонски симболи, што дополнително ги поттикна теориите дека комплексот има врски со елитни тајни организации. Историчарите, сепак, нагласуваат дека масонските симболи често се користеле во американската јавна архитектура уште од 19 век и дека нивното присуство не претставува доказ за заговор. Но во комбинација со останатите елементи, тие создадоа совршена почва за митологизација на просторот.

Што велат архитектите и експертите?

Најинтересно е што самиот аеродром денес активно ја користи својата мистична репутација. Во последните години, управата поставува саркастични реклами и натписи што директно се шегуваат со теориите за влекачи, Илуминати, тајни бази, апокалипса.

Според дел од архитектонските аналитичари, ова е пример за „самосвесна архитектура“, објект што свесно ја претвора сопствената митологија во дел од својот бренд-идентитет.

Професорката Сара Роленс, која го анализира феноменот во „Critical Dictionary of Apocalyptic and Millenarian Movements“, смета дека Денвер Интернешнл Ерпорт е редок пример каде јавната инфраструктура станала глобален митолошки објект.

Таа нагласува дека луѓето не реагираат само на архитектурата, туку на чувството дека просторот „крие нешто“.

Архитектурата како психолошки механизам

Можеби најточниот одговор е дека мистеријата на Денвер не лежи во тајни тунели или заговори. Туку во фактот што архитектурата успеала да произведе колективна психолошка реакција.

Големите празни простори, монументалните размери, чудната симболика, апокалиптичната уметност и изолираната локација создаваат чувство дека аеродромот е повеќе од инфраструктура. Тој изгледа како сценографија за нешто поголемо.

И можеби токму затоа, три децении подоцна, светот сè уште не престанува да се прашува дали Денвер Интернешнл Ерпорт е само аеродром или најуспешно дизајнираната архитектонска мистерија на модерното време?

Н.Т