На црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал, супермоделот Бела Хадид повторно успеа да стане центар на вниманието, овојпат со моден омаж кон легендарната Џејн Биркин, жената што со децении останува симбол на францускиот шик, слободниот дух и безвременската елеганција.
Бела се појави на премиерата на филмот La Bataille De Gaulle: L’Âge De Fer во ексклузивна couture креација на Schiaparelli, специјално дизајнирана од креативниот директор Даниел Розбери. Фустанот веднаш беше препознаен како современа реинтерпретација на култниот изглед што Џејн Биркин го носеше во Кан во 1969 година.
Станува збор за впечатлива креација, нијанса на слонова коска со длабоко деколте, драматична сирена силуета и раскошен рачно изработен вез, создаден со trompe l’œil техника од конци и структурни нишки. Во центарот на фустанот се наоѓаше црн украсен елемент што визуелно го поврзува деколтето, директна референца на оригиналниот фустан на Биркин од шеесеттите.
Но, она што најмногу ја фасцинираше модната јавност беше податокот дека изработката на фустанот барала неверојатни 22.160 часа рачен вез, во кој учествувале дури 130 работници, односно специјализирани couture мајстори.
22.000 часа рачна работа: Бела Хадид ја оживеа Џејн Биркин во ексклузивен фустан за Канскиот фестивал
Модните критичари веднаш забележаа дека Бела не направила едноставна „копија“ на архивски изглед, туку современа трансформација на еден моден мит. Додека оригиналниот фустан на Џејн Биркин имал порелаксирана силуета типична за доцните шеесетти, верзијата на Бела беше поархитектонска, понагласено обликувана и драматично прилепена до телото.
Дополнителен контраст создадоа долгите ракави со благо проширување, што визуелно се надоврзуваа на раскошниот сирена шлеп. Со мазно зализана пунџа, дијамантски обетки и геометриски прстен, Бела ја заокружи естетиката на „модерен француски гламур“.
Ова појавување уште еднаш ја потврди актуелната тенденција во високата мода, враќање кон архивите и историските модни икони, но преку современ couture јазик. Во време кога модата сè повеќе живее преку дигитални трендови и TikTok естетика, ваквите моменти потсетуваат дека haute couture и понатаму функционира како уметност, меморија и културен цитат.
Со оваа појава во Кан, Бела Хадид не само што носеше фустан, таа буквално оживеа еден од најлегендарните модни моменти во историјата на фестивалот.
Н.Т