Чувството дека изгледаме и се чувствуваме убаво често го оставаме „за посебни прилики“. Но, вистината е дека убавината не треба да биде резервирана само за денови кога имаме настан или важна средба. Таа започнува во најобичните утра во начинот на кој се грижиме за себе.
Да се чувствуваме убаво секој ден не значи секогаш совршен аутфит, беспрекорна шминка или тренди облека. Понекогаш тоа е само добро избрана кошула што ни стои убаво, омилен пар фармерки, мирис што ни буди самодоверба или чувство на удобност во сопствената кожа.
Кога човек се грижи за себе, тоа се забележува. Не само физички, туку и во енергијата што ја носи. Доволно сон, мал ритуал за нега на лице, чиста коса, омилен крем или неколку минути мир наутро можат целосно да го променат расположението.
Често мислиме дека убавината е нешто што другите го гледаат, но таа прво е чувство. Ако ние се чувствуваме добро, тоа се пренесува и надворешно.
Кога носиме облека во која се чувствуваме удобно и сигурно, автоматски се движиме поинаку, зборуваме посамоуверено и имаме подобра енергија. Доволно е да имаме неколку парчиња што нè прават да се чувствуваме добро. Белата кошула, омилените патики или едноставен накит понекогаш прават повеќе од најскапиот тренд.
Кога престануваме постојано да се споредуваме со фотографии на социјалните мрежи и почнуваме повеќе да го цениме сопствениот стил, изглед и карактер, тогаш расте и самодовербата во нас.
Наместо да чекаме „подобар момент“, важно е да научиме секој ден да вложуваме барем малку во сопственото расположение, стил и мир. Бидејќи кога човек се чувствува убаво одвнатре, тоа секогаш се гледа и однадвор.