
Во македонската јавност, кога се зборува за стара градска архитектура, најчесто вниманието оди кон Охрид, Битола или старите скопски куќи. Но, далеку од туристичките разгледници и во сенка на помпозните балкански градови, Штип крие еден речиси заборавен архитектонски свет- свет на богати трговци, дрвени чардаци, ориентални дворови и куќи што денес полека исчезнуваат пред налетот на новото време.
Во стариот дел на Штип, особено во Ново Село, сè уште може да се почувствува атмосферата на еден поинаков Балкан во кој архитектурата не била само практична, туку и симбол на статус, моќ и културен престиж.
Град на трговци и занаетчии
Историските записи покажуваат дека Штип уште во османлискиот период бил важен трговски и занаетчиски центар во источниот дел на Македонија. Неговата позиција меѓу внатрешноста на Балканот и трговските патишта кон Солун му овозможила економски развој, а токму трговијата создала богати семејства што почнале да градат впечатливи градски куќи.
Во 19 век, Ново Село прераснува во едно од најзначајните маала на градот. Денес можеби изгледа тивко и подзаборавено, но некогаш таму живееле трговци, занаетчии и влијателни семејства кои преку архитектурата го покажувале својот општествен углед. Токму затоа, старите куќи во Штип не треба да се гледаат само како „стари објекти“, туку како сведоштва за една урбана култура што денес речиси исчезнала.
Архитектура меѓу Ориентот и Европа
Најинтересно кај старите штипски куќи е нивната мешавина од ориентални и европски влијанија. Надворешно, тие често делуваат скромно, камени приземја, тесни фасади, дрвени прозорци, високи порти. Но зад тие фасади се криел цел архитектонски свет или отворени чардаци, дрвени галерии, внатрешни дворови, простории организирани околу семејниот живот.
Архитектонските анализи покажуваат дека дел од овие куќи имале и мали дуќани во приземјето, додека семејството живеело на горните катови. Тоа е типичен модел за балканските трговски куќи од 19 век.
Особено впечатлив е чардакoт, отворен дрвен простор што бил центар на семејниот живот во летните месеци. Во некои куќи, дрвените столбови и еркери и денес сведочат за високото мајсторство на тогашните градители.
Безистенот- срцето на стариот трговски Штип
Ако старите куќи ја покажуваат приватната страна на штипското богатство, тогаш Безистен е симболот на јавниот економски живот.

Безистените во Османлиското Царство биле места каде се продавала скапа и вредна стока, текстил, накит, ориентални производи и увезени материјали. Самото постоење на безистен значело дека градот имал економска важност. Штипскиот Безистен потекнува од 16 век и претставува еден од најважните симболи на стариот град.
Неговата масивна камена архитектура, сводовите и затворениот карактер биле создадени не само за естетика, туку и за безбедност, вредната стока морала да биде заштитена.
Ново Село, жив музеј што полека исчезнува
Најголемата вредност на штипската стара архитектура денес е токму нејзината автентичност. За разлика од многу балкански градови каде старите јадра се целосно комерцијализирани, во Ново Село сè уште постои чувство дека времето застанало.
Старите улици, испуканите фасади, напуштените чардаци и тешките дрвени порти создаваат атмосфера што повеќе потсетува на филмска сценографија отколку на современо градско маало.
Но токму тука лежи и проблемот. Дел од куќите се заштитени како културно наследство, но многу од нив се оставени на забот на времето. Архитектонските експерти со години предупредуваат дека старото градско јадро на Штип полека ја губи својата автентичност.
Некои куќи веќе се урнати, други се несоодветно реконструирани, а трети стојат празни и напуштени.
Архитектура што раскажува за идентитетот
Старите штипски куќи не се важни само поради убавината. Тие се доказ дека и источна Македонија имала развиена урбана култура, трговска класа и архитектонска естетика. Во нив се гледа влијанието на Отоманската империја, локалното македонско градителство, балканската трговска традиција, и постепеното навлегување на европските стилови. Токму затоа, Штип претставува редок архитектонски спој меѓу Ориентот и Европа, нешто што денес сè потешко може да се види во автентична форма.
Град што заслужува повторно откривање
Додека туристите масовно ги посетуваат најпознатите македонски дестинации, стариот Штип останува речиси невидлив за пошироката јавност. А можеби токму во тоа е неговата најголема вредност. Во времe кога многу балкански градови ја губат својата душа под модерни фасади и бетон, Ново Село и старите штипски куќи сè уште раскажуваат приказна за еден исчезнат свет или свет на трговци, семејни чардаци, ориентална елеганција и тивок урбан „луксуз“ што денес преживува само во фрагменти.
Н.Т