
Едно е јасно! Во модната индустрија, моќта одамна не се мери само со креативност, туку со влијание, капитал и способност да се контролира културниот наратив.
Денес, неколку жени практично одлучуваат што ќе стане тренд, кој дизајнер ќе преживее, кој бренд ќе биде прогласен за релевантен и каква естетика ќе доминира на глобално ниво. Иако јавноста најчесто ја гледа модата низ спектакуларни ревии, Мет Гала, Кан или Инстаграм естетика, вистинската моќ се наоѓа многу подлабоко и тоа во медиумите, корпорациите и луксузните конгломерати што вредат милијарди долари.
Според анализите на Business of Fashion, Vogue Business, Forbes и Women’s Wear Daily, три жени со години се издвојуваат како највлијателни фигури во светската модна индустрија- Ана Винтур, Миуча Прада и Делфин Арно.
Секоја од нив претставува различен модел на моќ, од медиумска, интелектуална па се до корпоративна. Иако… Едната или најмоќната се чини дека полека ја губи моќта.
Ана Винтур со децении важи за најмоќната жена во модните медиуми. Нејзината улога одамна ја надминала позицијата уредничка на Vogue. Таа практично функционира како културен филтер низ кој минува целата современа мода. Во индустријата често се вели дека Винтур не следи трендови туку таа ги легитимира. Кој дизајнер ќе добие насловна страница, кој бренд ќе биде промовиран како „релевантен“, која актерка ќе стане модна икона и која позната личност ќе добие место на Мет гала, сето тоа е дел од нејзиниот огромен систем на влијание.
Пулитцеровата добитничка и модна критичарка Робин Гиван еднаш напиша дека „Ана Винтур одамна не е само уредничка, туку институција“. Токму во тоа лежи нејзината сила. Таа не продава само списание, туку културна валидност. Мет гала, кој денес функционира како глобален медиумски спектакл, под нејзино водство прерасна во еден вид визуелна Олимпијада на луксузот, каде присуството значи статус, моќ и припадност кон светската елита. Според Forbes, влијанието на Condé Nast врз луксузниот рекламен екосистем вреди милијарди долари годишно, а Винтур останува клучна фигура во таа визуелна економија.
Сепак, и покрај митскиот статус што Ана Винтур го има во модната индустрија, сè поголем број аналитичари сметаат дека нејзината апсолутна моќ полека почнува да слабее. Причината не е недостаток на влијание, туку трансформацијата на самата модна индустрија и начинот на кој денес се создава културна релевантност.
Во 90-тите и 2000-тите, модната моќ беше централизирана. Vogue, печатените медиуми и неколку големи уредници практично одлучуваа што ќе стане тренд и кој ќе стане ѕвезда. Денес, таа моќ е распрсната меѓу ТикТок, Инстаграм, инфлуенсери, стилови на познати личности, алгоритми и дигитални заедници. Помладата публика повеќе не чека модните списанија да ѝ кажат што е важно, таа самата создава трендови во реално време.
Токму затоа, дел од модните критичари сметаат дека Винтур денес има повеќе институционална отколку културна моќ. Таа сè уште е симбол на елитната мода, но веќе не ја контролира целосно дигиталната естетика што ја обликува Gen Z генерацијата.
Business of Fashion во неколку анализи потенцираше дека денешната мода сè повеќе се движи од „култура водена од уредници“ кон „култура водена од алгоритми“, каде што виралноста на ТикТок и ангажманот на социјалните мрежи често имаат поголемо влијание од насловна страница на Vogue. Дури и Мет гала, кој со години беше врв на ексклузивноста под водство на Винтур, денес функционира и како огромна машина за содржини на социјалните мрежи, каде што виралните моменти често ја засенуваат самата концепциска изложба.
Според многу експерти, една од жените што постепено ја презема таа нова форма на влијание е токму Делфин Арно.
Причината е што иднината на модата денес не лежи само во медиумите, туку во контролата на луксузните конгломерати, дигиталните пазари и глобалниот капитал. Арно претставува нов модел на модна моќ, помалку видлива, но многу постратешка. Наместо да ја контролира модната приказна преку медиуми, таа ја контролира преку сопственост, инвестиции, партнерско спонзорство со познати и глобалено луксузно влијание.
Па која е Делфин Арно?
Ретко се појавува во јавноста и речиси никогаш не гради имиџ на позната ѕвезда. Но нејзината моќ е можеби и најголема, бидејќи се наоѓа во срцето на најмоќниот луксизен конгломерат во светот- LVMH.
Како директорка на Dior и наследничка на империјата на Бернард Арно, таа претставува нова генерација модна моќ, тивка, стратешка и корпоративна. Под нејзино водство Dior доживеа огромна експанзија, особено на азискиот и дигиталниот пазар. Модните експерти сè почесто потенцираат дека денешната мода веќе не функционира само како естетска индустрија, туку како глобална економска и политичка сила.
Според Vogue Business, токму луѓето како Делфин Арно ја претвораат модата во „геополитика на луксузот“, каде брендовите функционираат речиси како држави со сопствени медиуми, културни влијанија и финансиски системи. „Тешка“ е 225 милијарди евра. Се разбира, тоа богатство се должи на нејзимниот татко Бернард Арно, кој сето ова што го има таа го создаде, но и ја научи како се работи. Таа самата генерираше неверојатен милјардерски профит и со тоа само уште повеќе ја зацврсти својата позиција.
Паралелно со неа, дел од аналитичарите сè почесто ја посочуваат и Миуча Прада како фигура чија интелектуална и културна тежина расте токму затоа што современата публика е уморна од „брзата“ визуелна мода и повторно бара автентичност, концепт и длабочина.
Можеби токму тоа е најголемата промена во модната индустрија денес, моќта повеќе не припаѓа само на жената што седи во првиот ред со темни очила, туку на оние што ги контролираат алгоритмите, капиталот и културната психологија зад желбата. Прада отсекогаш била различна од класичните модни дизајнери.
Со образование по политички науки и интерес за филозофија и социологија, таа успеа модата да ја претвори во форма на културна и интелектуална дебата. Наместо класичен гламур, Прада воведе концепти како „Грдо шик“, намерна нефункционалност, минимализам и естетика што изгледа како тивок отпор кон масовниот луксуз.
Многу модни аналитичари сметаат дека токму Миуча Прада стои зад појавата на денешните концепти како тивок луксуз, анти тренд мода иминималистичко моќно облекување. Нејзината позната изјава дека „модата е моментален јазик“ денес често се цитира во академски анализи за современата визуелна култура. Прада никогаш не продавала само облека. Таа продавала интелектуален идентитет.
Токму затоа нејзиниот бренд не функционира само како луксузна модан куќа, туку како симбол на културен капитал. Business of Fashion повеќепати анализираше дека влијанието на Прада врз современата мода е далеку поголемо од нејзиниот пазарен удел, бидејќи многу трендови што подоцна стануваат глобални прво се појавуваат токму во нејзините колекции.
Францускиот социолог Пјер Бурдје уште пред децении пишуваше дека вкусот никогаш не е случаен, туку претставува форма на општествена моќ. Денес, токму жените како Винтур, Прада и Арно практично одлучуваат што светот ќе смета за „добар вкус“. А тоа е можеби најголемата моќ во современата визуелна култура.
Во 2026 година модата повеќе не е само индустрија за убавина и гламур. Таа е глобален механизам што создава желби, статус и културни вредности. А зад таа машинерија стојат жени што контролираат милијарди, медиуми и начинот на кој светот изгледа, се облекува и се претставува себеси.
Небојша Толески