Заборавениот антисупермодел: Црвената Сибил, контра удар на општествените норми

Сибил Бак е едно од оние ретки имиња во модната историја што не може да се затворат во класичната дефиниција за „супермодел“. Родена во 1972 година во Версај, Франција, таа се појавува на сцената во раните 90-ти, во момент кога модата сè уште е доминирана од идеализирана, строго конструирана женственост, а токму таа влегува како спротивност на тоа.

Нејзиниот изглед, црвена коса, пирсови, минимална шминка и свесно „неуредна“ естетика ја позиционира како визуелен антипод на тогашните супермодели, но истовремено и како нов симбол на автентичност.

Нејзиниот пробив се случува во Париз, каде брзо ја забележуваат големите модни куќи и редакции. Работи за најголемите модни куќи и дизајнери во светот, имиња што ја дефинираат највисоката точка на 90-тите и системот на висока мода.

Но она што ја издвојува не е само тоа каде работи, туку како изгледа во тие системи, таа не се обидува да се вклопи во класичниот гламур, туку го пренасочува кон нешто сурово, урбано и речиси гранџ естетика, што во тоа време е речиси револуционерно.

Сибил Бак се појавува во бројни модни едиторијали за списанија како Elle и Marie Claire, каде фотографиите не ја следат типичната логика на „совршенство“, туку повеќе документарна, речиси нефилтрирана естетика.

Во тие прикази, таа често изгледа како лик што не е создаден за модата, туку како некој што модата го „фатила“ во неговата природна состојба. Во тој контекст, нејзината кариера станува дел од поширокото поместување на модната индустрија од идеализирана убавина кон индивидуалност и карактер.

Паралелно со модата, таа влегува и во телевизијата како водителка на MTV, каде се појавува во емисии како Stylissimo и The Pulse, што дополнително ја проширува нејзината присутност во поп-културата на 90-тите. Нејзиниот краток, но забележлив настап во филмот The Fifth Element (1997) ја поврзува со визуелниот футуризам на Лук Бесон, каде естетиката повторно игра клучна улога во нејзиниот јавен лик.

Во доцните 90-ти, на врвот на својата модна кариера, Бак прави неочекуван пресврт и ја напушта модната индустрија. Ова не е скандал во класична смисла, туку свесна одлука, одбивање да остане дел од систем што бара постојана експонираност и конформизам.

Наместо тоа, таа се посветува на музика, станува басист и вокал во неколку рок проекти, меѓу кои Champions of Sound и соработки со Joseph Arthur и The Lonely Astronauts, а подоцна настапува и со бендот Bush.

Нејзиниот личен живот исто така се оддалечува од модните центри. Се сели во Topanga Canyon во Калифорнија, каде живее посмирен живот, се занимава со јога и станува инструктор, истовремено останувајќи култна фигура во модната архива на 90-тите. Има ќерка, Puma Rose Buck, која исто така влегува во модниот свет, што создава интересен континуитет на семејна поврзаност со индустријата.

Она што ја прави Сибил особено значајна во модната историја не се класичните „скандали“ или контроверзии, бидејќи таа речиси и да нема такви во традиционална смисла, туку фактот што нејзиниот најрадикален чин е автономијата.

Таа ја напушта модата без пад, без јавен конфликт, без медиумска драма, токму во момент кога би можела да стане уште поголемо име. Во индустрија каде постојаната видливост е валута, нејзиното повлекување станува тивка форма на отпор.

Денес, се чита како предвесник на современата модна естетика која го слави „анти супермодел“ идеалот, каде индивидуалноста и несовршеноста се исто толку вредни колку и класичната убавина.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sibyl Buck (@sibbyfresh)

Нејзиното наследство не е само во ревиите или кампањите во кои учествувала, туку во начинот на кој ја прошири дефиницијата за тоа што може да биде модел, не само идеал, туку личност со став, контекст и избор.

Н.Т