И ФЕШНЕЛ апелираше! Срушена до темел: Една од најубавите стари куќи во земјава

Нашиот магазин пишуваше за оваа куќа како една од најубавите и во Охрид и во Македонија, но таа вчера беше срушена и тоа наиде на голем револт и кај граѓаните и кај целокупната јавност.

Охрид забрзано го губи архитектонското наследство од минатото, уникатни објекти беа срушени изминативе години, а голем број се во опасност од рушење или пропаѓање, поосчуваат од Охрид SOS.

Иако беше поднесено барање за итна заштита на објектот, вчера почна да се урива старата стогодишна куќа, на улицата „Димитар Влахов“ во Охрид, објави Охрид прес.

Претходно до Секторот за заштита на културното наследство при Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Заводот за заштита на спомениците од Охрид, беше доставено барање за итна привремена заштита на овој објект, лоциран во непосредна близина на старото градско јадро на Охрид.

Куќата претставува дел од архитектонското наследство со својот уникатен изглед. Се шпекулира дека на просторот ќе се гради зграда.

Новиот детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7, предвидува рушење на неколку значајни објекти, меѓу кои и оваа уникатна градска куќа која идната година (изградена во 1927 година) треба да заокружи еден век, како и Здравствениот дом – Маларична, исто така изградена пред безмалку еден век. Дополнително, под удар се и две вредни згради од модерната архитектура – детската градинка и старата училишна зграда на ООУ „Григор Прличев“. Со неговата реализација, а за изградбата на четирикатница долга преку 100 метри и комерцијални објекти, би бил уништен училишниот парк, дворот на детската градинка, јавното урбано зеленило и трајно би се нарушил изгледот и духот на оваа мирна урбана целина.

Граѓанската иницијатива Охрид SOS информираа дека побарала повлекување на урбанистичкиот план и изработка на ново решение кое ќе ја почитува историјата, културниот идентитет и интересот на граѓаните. Дополнително, ќе биде ускладен со Планот за управување со природното и културно наследство на Охридскиот Регион. Со зачувување на овие објекти и јавни простори, ги штитиме не само архитектонската вредност, туку и автентичниот дух на градот. Апелиравме до надлежните институции да ја слушнат волјата на заедницата и да преземат одговорност пред историјата и идните генерации. Беше креирана и петиција која собра над 1000 потписи.

„Охрид забрзано го губи архитектонското наследство од минатото, уникатни објекти беа срушени изминативе години а голем број се во опасност од рушење или пропаѓање. Се чини како Заводот за заштита на спомениците од Охрид и Управата за заштита на културното наследство да не прават ништо за да се спречи овој негативен тренд. Бараме од нив додека не е предоцна, да ги спречат градежните работи на оваа локација и да се сочува оваа уникатна градба од поновата охридска историја“, поосчуваат од Охрид SOS.

Еве за каква куќа се работеше, за која напишавме

Во еден од најурбанизираните делови на Охрид, на улицата „Димитар Влахов“, во непосредна близина на Гимназијата „Св. Климент Охридски“, се наоѓа градска вила што денес сè почесто се споменува во контекст на урбанистички планови, јавни реакции и страв од губење на културното наследство.

Објектот, кој според стручните проценки датира од првата половина на XX век, претставува редок пример на еклектична градска архитектура во Охрид, стил што го носи преминот од традиционална османлиска урбаност кон европеизиран буржоаски град.

Архитектура на ред, симетрија и репрезентација

Фасадата на вилата веднаш открива јасен архитектонски јазик, строга симетрија, централно поставен влез и балкон со нагласена декоративна обработка. Столбовите и балустрадата внесуваат неокласична монументалност, додека прозорците со полукружни завршетоци и украсни рамки создаваат чувство на академска архитектонска дисциплина.

Станува збор за типична градска семејна вила од периодот на граѓанскиот подем, кога во Охрид се граделе објекти што требало да ја изразат социјалната положба на сопствениците, но и новата естетика на европскиот град.

Вила во зеленило, изгубениот урбан модел

За разлика од денешната густо изградена урбана структура, оваа вила е поставена во простор со зеленило и ограда, што укажува на поранешен урбан модел во кој куќите не биле залепени една до друга, туку имале сопствени дворови и простор за одвојување од улицата.

Токму овој амбиентален карактер, комбинација од архитектура, двор и улична перспектива ја прави улицата „Димитар Влахов“ важен дел од историското ткиво на градот.

Еклектика како сведоштво на едно време

Стилски, објектот припаѓа на еклектизмот, архитектонски пристап што комбинира различни историски стилови во една композиција. Во овој случај, доминираат неокласични елементи, но со локална адаптација и занаетчиска изведба.

Таквиот тип градба е карактеристичен за периодот кога Охрид постепено се отвора кон европските архитектонски влијанија, задржувајќи дел од локалниот градителски израз.

Помеѓу заштита и трансформација

Во последните години, ваквите објекти сè почесто се наоѓаат во фокусот на урбанистички планови и инвестициски интереси. Граѓански иницијативи предупредуваат дека токму ваквите вили се дел од исчезнувачкиот слој на автентичниот Охрид , не само како поединечни објекти, туку како дел од поширока урбана меморија.

Прашањето што останува отворено е едноставно, но суштинско, дали модерниот развој мора да значи бришење на архитектонските слоеви што го дефинираат градот?

Бидејќи во случајот со оваа вила, не станува збор само за зграда, туку за материјален запис на едно време, една естетика и еден исчезнувачки начин на урбано живеење.

Така напишавме, но ова сега веќе не постои…

Н.Т