Психологија на потрошувачката, перцепцијата на вредноста и македонскиот однос кон модата
Не е невообичаено денес некој да издвои 1.000, 1.500 или дури 2.000 евра за најнов смартфон, но истата личност често ќе се двоуми дали да потроши 300 или 500 евра за врвно изработен моден дизајнерски производ. На прв поглед, ова изгледа како економска одлука. Но ако се погледне подлабоко, станува збор за многу посложен сплет од психологија, социологија, културни навики и перцепција на вредноста.
Прашањето не е дали телефонот вреди. Секако дека вреди. Тој е алатка која ја користиме секој ден, преку која работиме, комуницираме, купуваме, фотографираме, организираме состаноци и го водиме голем дел од модерниот живот. Но зошто сме подготвени веднаш да ја препознаеме вредноста на една технолошка инвестиција, а многу потешко вредноста на една квалитетна модна креација.
Одговорот лежи во начинот на кој луѓето ја дефинираат користа.
Телефонот е алатка. Модата се уште се гледа како трошок
Психолозите одамна укажуваат дека луѓето многу полесно трошат пари на нешто чија корист можат веднаш да ја објаснат.
Телефонот има јасна функција.
Може да се измери неговата брзина, камера, меморија, батерија или перформанси.
Модната креација, од друга страна, работи на сосема поинакво ниво. Нејзината вредност не се мери во гигабајти, пиксели или процесорска моќ. Таа се мери преку квалитетот на изработката, кројот, знаењето вложено во неа, индивидуалноста, самодовербата што ја создава и впечатокот што го остава.
Токму затоа луѓето често потешко ја пресметуваат нејзината реална вредност.
Американскиот економист и социолог Торстен Веблен уште во 1899 година пишувал дека потрошувачката не е само економска активност, туку и форма на социјална комуникација. Луѓето не купуваат само производи. Тие купуваат пораки за себе.
Во современиот свет телефонот станал симбол на компетентност, успешност и модерност. Неговата вредност е општествено прифатена и разбрана.
Кај модата таа комуникација е многу посуптилна.
Македонска контрадикција, сакаме мода, но не сакаме да платиме за неа
Македонија има долга текстилна традиција и тоа е веќе познато. Со децении домашните фабрики произведувале за некои од најголемите европски брендови.
И тука се создава едена интересна контрадикција.
Македонците знаат дека во земјата се произведува врвна облека. Знаат дека тука работат квалификувани шивачи, кројачи и дизајнери. Но кога производот е домашен, често несвесно очекуваат да биде значително поевтин.
Истражувањата за потрошувачко однесување покажуваат дека луѓето многу често ја поврзуваат високата цена со географско потекло. Производ од Париз, Милано или Лондон автоматски добива аура на престиж.
Истовремено, домашниот производ мора дополнително да ја докажува својата вредност. Ова не е специфично само за Македонија. Сличен феномен постои во многу помали пазари каде што локалниот бренд се бори против митот дека „странското е подобро“, за кое веќе пишувавме.
Не плаќаме за материјалот, туку за знаењето
Една од најголемите заблуди во модата е дека цената на креацијата се сведува само на материјалот. Кога некој ќе каже: „Како може овој фустан да чини толку?“, најчесто ја гледа само ткаенината. Но во врвната мода најмал дел од цената е самиот материјал. Она што се плаќа е знаењето. Се плаќаат стотици часови работа, развој на крој, конструкција, проби, корекции, техничка изведба, рачна обработка, искуство и креативност.
Познатиот моден дизајнер Ив Сен Лоран еднаш изјави: „Модата избледува, стилот е вечен.“ Токму стилот е она што дизајнерите го создаваат. Не само облека. Туку и идентитет.
Телефонот старее побрзо отколку што мислиме
Интересно е што рационалниот аргумент често не е на страната на телефонот.
Просечниот премиум смартфон за две до три години губи значителен дел од својата вредност. Секоја нова генерација го прави претходниот модел технолошки застарен.
Квалитетната модна креација функционира поинаку. Таа не се надградува секоја година. Добро дизајнирано палто, совршено скроен костум или безвременски фустан можат да се носат со години, па дури и децении.
Во модната индустрија постои израз „cost per wear“ или цена по носење. Фустан кој чини 500 евра и се носи 50 пати реално чини 10 евра по носење.
Телефон од 1.500 евра кој по три години се заменува со нов модел ретко се анализира на ист начин.
Социјалните мрежи ја променија играта
Дополнителен фактор е дигиталната култура. Телефонот денес е центар на нашиот социјален живот. Тој е и камера, и канцеларија, и телевизор, и банка.
Психолозите зборуваат за феноменот на „видлива употребливост“ односно производите што секојдневно ги користиме полесно ги оправдуваме пред себе.
Модата, особено кај нас, се уште често се доживува како нешто резервирано за свадби, свечености или специјални пригоди. Токму затоа многумина полесно инвестираат во технологија отколку во сопствениот стил.
Што всушност купуваме кога купуваме мода?
Кога некој купува врвна модна креација, тој не купува само парче облека.
Купува прецизност. Купува уникатност. Купува чувство. Купува начин на кој ќе изгледа, но уште поважно, начин на кој ќе се чувствува.
Коко Шанел велела: „Облечете се лошо и луѓето ќе го забележат фустанот. Облечете се беспрекорно и ќе ја забележат жената.“
Во таа реченица лежи суштината на модата. Нејзината најголема вредност не е во тоа да биде само видена. Туку да му помогне на човекот да се претстави себеси на најдобар можен начин.
Проблемот не е во цената, туку во перцепцијата
На крајот, не се сведува на тоа дали телефонот вреди 1.000 евра.
Во многу случаи вреди.
Прашањето е зошто лесно ја препознаваме вредноста на технологијата, а потешко вредноста на креативната работа, дизајнот и рачната изработка. Во општество кое со децении ја мерело модата низ призмата на „парче облека“, а не како индустрија што обединува уметност, психологија, економија и занаетчиство, ваквата перцепција е разбирлива. Но светот одамна ја надмина таа поделба.
Најуспешните модни куќи денес не продаваат само производи. Тие продаваат приказни, идентитет, култура и вредности.
Не е „фората“ зошто некој дава 1.000 евра за телефон.
Туку дали сме научиле правилно да ја препознаваме вредноста на нештата што не можат да се измерат со спецификации, бројки и технички параметри, туку со знаење, креативност и човечка умешност.
Небојша Толески

Македонска контрадикција, сакаме мода, но не сакаме да платиме за неа
Социјалните мрежи ја променија играта
Што всушност купуваме кога купуваме мода?