Принцезата Шарлин конечно се насмевна во топ креација, кралицата Летиција доминира, а Џенифер Лопез главна на црвениот килим: Модно резиме на неделата

Принцезата Шарлин, една од најелегантните припаднички на европските кралски семејства, уште еднаш покажа дека ненаметливата елеганција е нејзиниот најсилен моден адут.

За време на официјалната посета на принцот Алберт II и принцезата Шарлин од Монако на Мадрид, каде што беа пречекани од шпанскиот крал Фелипе VI и кралицата Летиција, модните познавачи не престанаа да зборуваат за изгледот на монашката принцеза.

По години експериментирање со модата и фризурите, Шарлин денес останува верна на префинет стил кој успешно ги спојува класиката, женственоста и ненаметливиот луксуз. Токму таков беше и нејзиниот најнов стајлинг за посетата на изложбите „Осми форум на уметници од Монако“ и „Монако и Шпанија: пет века заедничка историја“.

Романтичен избор

За оваа пригода принцезата избра нова креација од модната куќа Oscar de la Renta, бренд на кој редовно му ја доверува својата појава на најважните јавни настани.

Станува збор за раскошен миди фустан изработен од цветна тантела во нежна небесно-сина нијанса, која совршено го истакна нејзиниот светол тен и сините очи.

Елегантниот модел се издвојуваше со заоблено деколте, струкиран горен дел и раскошно здолниште во А-крој. Посебен детал беше тенкиот ремен изработен од истата тантела, кој дополнително ја нагласи половината и создаде исклучително женствена силуета.

Миди должината се покажа како идеален избор за формален дневен настан, бидејќи успешно ги комбинира елеганцијата и удобноста – формула на која Шарлин сè повеќе се потпира во последните години.

Во знакот на елеганцијата

Својот стајлинг го надополни со салонки со отворена пета од брендот Gianvito Rossi во иста сина нијанса. Моделот со пониска потпетица совршено се вклопи во романтичната естетика на целокупниот изглед, потврдувајќи дека за впечатлива елеганција не се потребни екстремно високи потпетици.

Интересно е што овојпат принцезата се откажа од чантата, оставајќи фустанот да биде главната ѕвезда на комбинацијата, но и нејзината насмевка која ретко се гледа. Од накит носеше само бисерни обетки и дијамантски прстен, уште еднаш потврдувајќи дека најдобрите модни комбинации често се темелат на едноставноста.

Целиот изглед го заокружи со елегантна ниска пунџа и нежно стилизирани прамени кои го врамуваа лицето. Резултатот беше издание што зрачи со безвременска елеганција и дополнително објаснува зошто принцезата Шарлин денес сè почесто се наоѓа на листите на најдобро облечените членови на европските кралски семејства.

Од друга страна, за да се справи со високите мадридски температури, кралицата Летиција се одлучи за лесен, но исклучително софистициран фустан. Овој модел таа првпат го носеше минатиот август на затворањето на 15. издание на филмскиот фестивал „Atlàntida Mallorca Film Fest“ во културниот центар Ла Мисерикордија на Мајорка.

Миди фустанот, изработен од јапонски лен, има внимателно осмислена силуета која ја нагласува фигурата. Половината, инспирирана од кројот на корсет, како и стратешки поставените шевови, создаваат визуелен ефект на издолжување и стеснување на силуетата. Креацијата е дело на италијанскиот бренд Mantù.

Една од најголемите предности на белиот фустан е неговата разновидност. Во зависност од аксесоарите, може да добие сосема поинаков карактер. Овојпат, кралицата изгледот го надополни со впечатливи златни детали кои внесоа дополнителна доза елеганција.

Посебно внимание привлече нејзиниот избор на накит. Летиција вообичаено е многу воздржана кога станува збор за накит и ретко носи нараквици, но овојпат направи исклучок и повторно ја избра впечатливата манжетна-нараквица што ја носеше и при првото појавување во овој фустан, заедно со соодветни обетки.

Комплетот има иновативен дизајн инспириран од растителни мотиви и е изработен од месинг обложен со 24-каратно злато.

Накитот го комбинираше со златна плик-чанта и обувки во иста нијанса, создавајќи хармоничен и луксузен изглед.

Во последните неколку години кралицата Летиција избегнува многу високи потпетици поради Мортонов невром, болно заболување на стапалото. Според подијатриските експерти, станува збор за еден од помалку познатите проблеми што може да се поврзат со долготрајното носење тесни чевли со висока потпетица.

Од другата стана на „барата“, Џенифер Лопез направи вистинско модно шоу.

Лопез е жена која во текот на својата кариера ги носела речиси сите модни трендови што може да се замислат. Токму затоа секое нејзино ново појавување на црвениот тепих предизвикува големо внимание, особено кога успева да изненади и по толку години поминати под светлата на рефлекторите.

На премиерата на филмот „Office Romance“ во Њујорк, Лопез се појави во впечатлива кутур-креација на модната куќа Miss Sohee. Иако длабокото деколте веднаш ги привлече сите погледи, благодарение на корсетот кој ја нагласува силуетата до речиси неверојатни размери, вистинската вредност на оваа креација се криеше во нејзините суптилни детали.

Богатите цветни везови, деликатните мотиви со гулаби и исклучителната рачна изработка создадоа романтична и уметничка приказна која ретко се гледа на современите црвени теписи. Фустанот откри една понежна и пософистицирана страна на модниот израз на Џенифер Лопез, докажувајќи дека зад драматичниот изглед стои вистинско кутур-мајсторство.

Но, само неколку дена подоцна, на лондонската премиера на истиот филм, ѕвездата повторно успеа да ја изненади модната јавност.

Овојпат таа избра креација на британскиот дизајнер Richard Quinn, комбинирајќи црн светкав корсет со драматично драпирање од сатен во впечатлива електрично розова нијанса. Резултатот беше моден момент кој изгледаше свежо, гламурозно и целосно неочекувано.

Контрастот меѓу темниот, структуриран горен дел и раскошниот розов волумен создаде изглед кој истовремено потсетуваше на класичниот холивудски гламур и на современата висока мода. Наместо да игра на сигурно, Лопез уште еднаш покажа дека и по децении на сцена знае како да ризикува и да создаде впечатлив моден наслов.

Додека креацијата на Miss Sohee беше романтична, раскошна и исполнета со рачно изработени детали, стајлингот на Richard Quinn понуди доза театарска елеганција и современа драматика. Заедничко за двата изгледа е фактот што Џенифер Лопез повторно успеа да ја потврди својата позиција како една од ретките ѕвезди кои и денес можат да диктираат модни трендови на црвениот тепих.

Прашањето што сега го поставуваат модните критичари е едноставно: дали розовата креација на Richard Quinn е едно од најдобрите модни изданија на Џенифер Лопез во последната деценија? Многумина сметаат дека одговорот е – да.

Н.Т