Богатите не можат да ја купат бесмртноста, но сигурно можат да ја одложат смртта за некое време. Целата органска храна, скапата здравствена грижа и личните тренери што можат да си ги дозволат навистина им помагаат, во просек, да живеат подолго од останатите. Но не е самата смрт големиот израмнувач. Тоа е стравот од смртта. Тоа е она од што не можат да ги заштитат ниту најголемите богатства.
Залудноста на сите тие педантни обиди за продолжување на животниот век станува очигледна кога смртта ќе се приближи. Голем дел од однесувањето на најбогатите луѓе во светот може да се разбере како очаен обид да се сопре нешто што не може да се сопре – како човек што ги подига рацете за да запре товарен воз што се движи кон него. За сите нас кои живееме како обични луѓе, токму тука лежи утехата: не можеме да се натпреваруваме со најголемите богатства на светот, но можеме да најдеме утеха во сознанието дека тие богатства често се трошат на најстарата човечка заблуда.
Во 2015 година, основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, еден од најбогатите луѓе на планетата, објави дека ќе го донира најголемиот дел од своето богатство за време на својот живот. Една од главните цели на неговата фондација, напиша тој во емотивно јавно писмо до својата ќерка, била „промовирање еднаквост“.
„Денес сме лишени од потенцијалот што многу луѓе можат да го понудат“, изјави тој. „Единствениот начин да го достигнеме својот целосен потенцијал е да ги искористиме талентите, идеите и придонесите на секој човек во светот.“
Сега, во чест на тој возвишен идеал, Закерберг им нуди на жителите на хавајскиот остров Кауаи можност да го достигнат својот целосен потенцијал – поточно, со изградба на ултралуксузен комплекс каде што тој ќе може да се засолни и да ја преживее апокалипсипсата, додека обичните луѓе околу него ќе исчезнуваат.
Како што пишува новинарот Гатри Скримџур во обемна истражувачка сторија за списанието Wired, Закерберг речиси една деценија купува земјиште на островот за изградба на огромен комплекс од 1.400 акри, исполнет со вили, куќички на дрвја и тунели. Крунскиот бисер на проектот вреден 270 милиони долари е подземно засолниште од околу 465 квадратни метри, со сопствени извори на енергија и храна, како и врата отпорна на експлозии.
Чудно е, зар не, што човек чија главна грижа е глобалната еднаквост има потреба од подземен апокалиптичен бункер дизајниран да го изолира од сите оние „еднакви“ луѓе надвор, кои веројатно би гореле, гладувале или би биле изедени од зомбиња? Зарем неговата длабока посветеност на иднината на човештвото не би го натерала да ги отвори оклопните врати и да ги пречека сите жители на островот? Или барем да ги потроши стотиците милиони долари на нешто што би имало поширока јавна корист? На пример, тоа прекрасно земјиште можело да стане одличен јавен парк.
Овој вид очајно планирање за крајот на светот ја разобличува приказната што Закерберг и неговите богати врсници ја раскажуваат за просперитетот што наводно ги крева сите чамци. Кога плимата ќе се крене доволно високо, вашите мали чамци ќе потонат, а тие ќе отпловат на своите јахти. Секоја добротворна донација може да се гледа како средство за смирување на јавноста, доволно за луѓето да не почнат да се прашуваат зошто добриот милијардер што дошол на нивниот остров изградил толку голем ѕид околу себе, пишува Скримџур.
Најголемата надеж на секој милијардер е дека може да има сè – и огромно богатство и статус на добар човек сакан од сите. За жал, тоа секогаш ќе остане невозможен сон.
Па, каков е бункерот?
Местото што Закерберг го избрал за својот бункер се наоѓа на островот Кауаи, меѓу туристичките центри Капаа и Ханалеи. Овој остров, еден од најмалите во хавајскиот архипелаг, има околу 73.000 жители.
Населението потекнува од домородните Хавајци, кои со векови живееле заедно со кинески, јапонски, филипински и порторикански доселеници. Тие пристигнувале на островот кон крајот на XIX и почетокот на XX век за работа на плантажите со шеќерна трска. Денес економијата на Кауаи е насочена главно кон туризмот, а во последните години доживува развој и градежниот сектор, особено изградбата на луксузни домови за богатите кои сакаат да избегаат од метежот на големите градови.
Станува збор за мал остров каде што вестите брзо се шират. За да спречи љубопитни погледи кон градилиштето, Закерберг го опкружил имотот со ѕид висок шест метри. Дополнително, влезот го обезбедуваат приватни чувари, а безбедност има и на околните плажи.
Желбата проектот да остане тајна се гледа и од строгите договори за доверливост. На сите што работат на изградбата – архитекти, електричари, дизајнери на ентериер, молери и други – им е забрането да откриваат детали за комплексот. Прекршувањето на правилата може да значи моментален отказ.
Ултралуксузен бункер
Иако проектот е обвиен со тајност, во јавноста сепак излегоа некои интересни информации.
Имотот познат како Koolau Ranch зафаќа околу 465 квадратни метри подземен простор и ќе биде опремен со најсовремени содржини.
Комплексот на Закерберг не е обичен бункер, туку вистинско мини-гратче составено од повеќе објекти. Главниот дел го сочинуваат две големи згради во кои ќе има канцеларии, конференциски сали, лифтови и професионална кујна.
Овие две згради ќе бидат поврзани со подземен тунел кој ќе служи како дополнителен станбен простор. Во него ќе има машинска просторија и таен излез за бегство до кој ќе се пристапува преку скали.
Во непосредна близина ќе се наоѓа уште една зграда со фитнес-центар од стандардни димензии, базени, сауна, џакузи, простор за ладни бањи и тениско игралиште.
Особено необичен дел од проектот се 11 куќички на дрвја со кружна форма. Тие ќе бидат меѓусебно поврзани со висечки јажени мостови, овозможувајќи лесно движење на посетителите од една до друга куќичка.
30 спални соби и сопствено производство на храна
Комплексот ќе располага со вкупно 30 спални соби и 30 бањи.
Безбедносниот систем ќе вклучува 20 камери, а главниот влез ќе биде заштитен со масивна врата изработена од метал и бетон. Дополнителните излези ќе бидат внимателно скриени – некои зад полици со книги, а други ќе можат да се отворат само со специјални кодови, слично како во вистинските воени бункери.
Целиот комплекс е замислен да биде целосно самодоволен. Ќе располага со огромен резервоар за вода со дијаметар од 16 метри и висина од 5 метри.
Што се однесува до храната, таа ќе се произведува директно на имотот преку земјоделство и сточарство на површина од околу 1.400 акри земјиште.
Не само засолниште, туку и деловен центар
Иако официјално се претставува како приватен имот и место за одмор, многумина сметаат дека комплексот ќе служи и како локација за организирање корпоративни настани и деловни средби на Meta.
Без разлика дали станува збор за засолниште за апокалипса, луксузна резиденција или комбинација од двете, едно е сигурно – бункерот на Марк Закерберг на Хаваите е еден од најамбициозните и најскапи приватни проекти од ваков тип во светот.
Н.Т
Ултралуксузен бункер
30 спални соби и сопствено производство на храна
Не само засолниште, туку и деловен центар