Шорцеви – летното парче без кое не можеме

Шорцевите одамна не се резервирани само за плажа или спортски активности. Денес тие се едно од најразновидните летни парчиња, кое со вистинската комбинација може да изгледа лежерно, елегантно, па дури и софистицирано.

Ленени шорцеви 

Ако постои модел што секогаш изгледа скапо и префинето, тоа се ленените шорцеви. Благодарение на природниот материјал, тие овозможуваат кожата да дише и се одличен избор за високи температури. Најдобро изгледаат во бели, беж, крем и маслинести нијанси, а лесно се комбинираат со ленена кошула, памучен топ или едноставна маица.

Тексас шорцеви 

Без разлика на трендовите, тексас шорцевите секое лето повторно се враќаат во центарот на вниманието. За помодерен изглед, одберете модел со малку поширок крој наместо премногу тесни варијанти. Комбинирајте ги со кошула со завиткани ракави, едноставен топ или лесен блејзер ако сакате поурбан изглед.

Шорцеви со висок струк 

Моделите со висок струк ја нагласуваат половината и создаваат издолжена силуета. Особено убаво изгледаат кога блузата или кошулата е вовлечена во нив. Ако сакате комбинација што лесно може да се носи и преку ден и навечер, изберете шорцеви во црна, темносина или песочна боја и дополнете ги со свиленкаст топ и сандали со ниска потпетица.

Бермуди 

Подолгите шорцеви, познати како бермуди, се меѓу најактуелните модели сезонава. Тие изгледаат модерно, нудат поголема удобност и лесно се вклопуваат во различни стилови. Одлично се комбинираат со струкиран елек, широка кошула или едноставна маица.

Какви обувки најдобро одговараат?

За секојдневни комбинации најдобри се белите патики, рамните сандали и еспадрилите. Ако сакате поелегантен изглед, одберете сандали со потпетица или модели со квадратен врв. Во вечерните часови, дури и едноставен пар шорцеви може да изгледа многу порафинирано ако ги комбинирате со елегантни обувки и впечатлив накит.