Куќа инспирирана од мравјалник: Архитектура што учи од природата

Кога одржливата архитектура сè почесто бара решенија во природата, индиското студио Kaushal Tatiya Architects претстави проект кој покажува дека најдобрите иновации понекогаш веќе постојат околу нас. „The Anthill House“, лоцирана во Ахилијанагар, во индиската држава Махараштра, е извонреден пример за биоклиматска архитектура инспирирана од една од најсовршените природни структури – мравјалникот.

На површина од околу 650 квадратни метри, архитектите не се обиделе да го копираат изгледот на мравјалникот, туку неговата интелигенција. Наместо формална имитација, проектот ја презема логиката според која мравките со векови создаваат природни системи за ладење, вентилација и заштита од екстремни климатски услови.

Архитектура како жив организам

Регионот на Махараштра се соочува со високи температури, силно сонце и сува клима. Токму затоа архитектите поставиле амбициозна цел- да создадат дом кој ќе остане пријатен за живеење без постојано потпирање на механички системи за ладење. Решението го пронашле во природните принципи на вентилација и циркулација на воздухот кои ги користат мравјалниците.

Куќата е организирана околу централно атриумско јадро кое функционира како белите дробови на објектот. Светлината навлегува преку кружни кровни отвори, додека топлиот воздух природно се издигнува нагоре и се исфрла преку вертикалните празнини. Овој принцип, познат како „stack effect“, овозможува континуирана природна циркулација на воздухот низ целиот дом.

Тулата како конструкција, фасада и климатски штит

Највпечатлив е начинот на кој е употребена тулата. Наместо да биде само фасадна обвивка, таа станува активен архитектонски елемент кој обезбедува сенка, филтрира светлина, овозможува вентилација и создава препознатлив идентитет на објектот.

Закривените балкони, распоредени како слоеви на природен мравјалник, создаваат длабоки сенки кои ги штитат ентериерите од директното сончево зрачење. Перфорираните ѕидови, инспирирани од традиционалните индиски „џали“ екрани, пропуштаат воздух и дифузна светлина, додека истовремено обезбедуваат приватност.

Особено впечатлив е фактот што материјалот истовремено ја исполнува конструктивната, естетската и климатската функција, пристап кој ретко се среќава во современата станбена архитектура.

Простор кој се открива постепено

Внатрешноста не е организирана преку класични ходници и јасно дефинирани простории. Наместо тоа, просторот се развива низ серија „комори“, инспирирани од внатрешната структура на мравјалникот. Посетителот поминува низ потесни, затемнети делови кои ненадејно се отвораат во високи и светли простори исполнети со природна вентилација.

Дополнителен елемент претставува отворениот коридор покрај куќата, низ кој тече воден елемент. Освен што создава амбиентален звук, водата придонесува за дополнително природно ладење преку испарување.

Нова дефиниција за одржлив дом

„The Anthill House“ е многу повеќе од атрактивна семејна куќа. Таа е демонстрација на архитектура која не се бори против климата, туку работи заедно со неа.

Наместо да се потпира на технологија и енергија, проектот покажува како внимателниот дизајн, локалните материјали и инспирацијата од природата можат да создадат удобен, енергетски ефикасен и визуелно впечатлив дом.

Во ера на климатски предизвици и растечка потреба од одржливи решенија, оваа куќа претставува потсетник дека природата и понатаму останува најдобриот архитект на светот.

Н.Т