Некогаш беа потребни цели сезони за моден тренд од модните писти во Париз или Милано да стигне до улиците во Македонија. Сигурно многу добро сеќавате…
Денес, доволни се неколку видеа на TikTok, неколку милиони прегледи и неколку клика на кинеските онлајн платформи за истиот тренд за две или три недели да заврши во излогот на локален бутик во Скопје, Битола, Тетово или Струмица.
Модата никогаш не се движела побрзо, тоа е неосшпорен факт. Но, дали оваа брзина нè прави постилски или само побрзо нè претвора во копии едни на други?
Алгоритмот стана новиот моден уредник
Во минатото, за тоа што ќе биде модерно одлучуваа големите модни куќи, уредниците на Vogue, Harper’s Bazaar и Elle, како и највлијателните дизајнери во светот. Денес, најголемиот креатор на трендови не е човек, туку алгоритам.
TikTok повеќе не е само социјална мрежа. Тој функционира како глобална лабораторија што секојдневно тестира што ќе им се допадне на милиони луѓе. Доволно е едно видео да стане вирално за неколку часа за истиот производ, боја или крој да стане желба на милиони корисници.
Американската новинарка и авторка Дана Томас, која со години ја истражува модната индустрија, предупредува дека денешниот моден систем повеќе не е воден од креативност, туку од брзината на дигиталните платформи и желбата постојано да се произведува нешто „ново“. Според неа, модата сè повеќе станува производ на алгоритмите, а сè помалку резултат на оригинална дизајнерска визија.
Од еден TikTok до македонски бутик
Патот на трендовите денес изгледа речиси секогаш исто, тоа би било вака:
TikTok- инфлуенсери- SHEIN, Temu, AliExpress-локални увозници-Instagram бутици- македонските улици.
Процесот се случува со неверојатна брзина.
Кога некој модел на фустан, костум или чевли ќе стане хит на TikTok, кинеските ultra-fast fashion компании понекогаш произведуваат илјадници примероци за само неколку дена. Дел од тие производи веднаш завршуваат кај локалните увозници, а потоа и во домашните бутици, каде се продаваат како најнов светски тренд.
Затоа денес не е невообичаено истиот комплет што пред десетина дена бил вирален во Њујорк, Милано или Дубаи веќе да се носи низ Дебар Маало, Широк Сокак или Охридската чаршија.
Микротрендови што траат пократко од годишните времиња
Модните експерти веќе не зборуваат за сезонски трендови, туку за микротрендови.
Истражувањата покажуваат дека многу од нив траат само неколку недели. Денес тоа може да биде „путер лимон“, утре „хип- хоп девојка“, задутре „морска привлечност“, а веќе следниот месец алгоритмот ќе промовира сосема нова естетика.
Токму затоа сè повеќе облека се купува импулсивно, се носи неколку пати и завршува заборавена во плакарот.
Британскиот социолог Зигмунт Бауман, уште пред појавата на TikTok, предупредуваше дека современото општество создава култура во која производите, но и стиловите, стануваат потрошни речиси веднаш по нивното создавање. Во својата теорија за „течната модерност“, Бауман објаснува дека современиот човек е постојано охрабрен да го заменува старото со ново, не затоа што тоа навистина му е потребно, туку затоа што системот го убедува дека новото е секогаш подобро.
Дали Македонија ја губи сопствената модна приказна?
Овој процес е особено видлив и кај нас.
Доволно е да се прошетате низ неколку трговски центри или низ Instagram-профилите на домашните бутици за да забележите колку брзо се појавуваат речиси идентични модели. Истите сатенски комплети, истите минималистички комбинации, истите палети на бои, истите плетени чанти или истите балетанки кои претходно биле хит на TikTok.
Не станува збор за инспирација. Во многу случаи станува збор за речиси целосна репродукција.
Модниот медиум Vogue неодамна предупреди дека алгоритмите создаваат ефект во кој индивидуалниот стил постепено исчезнува. Наместо луѓето да ја користат модата како средство за изразување на сопствениот идентитет, сè повеќе ја користат за да изгледаат како содржината што секојдневно ја гледаат на своите екрани.
Најголемата цена не е финансиска
На прв поглед, ваквиот систем има многу предности. Трендовите се подостапни од кога било, модата е подемократизирана, а секој може брзо да купи парче инспирирано од светските модни недели.
Ама, цената не се мери само во пари.
Таа се мери во губење на оригиналноста.
Кога сите гледаат исти видеа, купуваат од истите платформи и ги следат истите инфлуенсери, индивидуалниот стил постепено се претвора во униформа. Наместо да создава сопствен моден израз, потрошувачот станува дел од бескраен циклус на копирање.
Особено загрижува фактот што Македонија, земја со богато текстилно наследство, талентирани модни дизајнери и препознатливи локални брендови, сè почесто ја презема улогата на пасивен примач на глобалните трендови, наместо да гради сопствена модна естетика.
Можеме ли да го забавиме алгоритмот?
Веројатно не. (ова боли)
Но можеме да одлучиме дали ќе бидеме негови следбеници или ќе го користиме само како инспирација.
Модата отсекогаш била огледало на времето. Денес тоа огледало го држи алгоритмот. Прашањето е дали ќе дозволиме тој целосно да го дефинира нашиот вкус или повторно ќе ја откриеме вредноста на личниот стил, креативноста и автентичноста.
Зашто вистинската елеганција никогаш не се мери според тоа колку брзо сте го купиле последниот вирален тренд, туку според тоа колку препознатлив сте останале во свет во кој сите изгледаат сè послично.
Небојша Толески
Алгоритмот стана новиот моден уредник
Микротрендови што траат пократко од годишните времиња