Зошто во Европа е шик да повториш комбинација, а кај нас е „срамота“?

Од Кејт Мидлтон до обичната жена… Што знае Европа за стилот, а ние сè уште не сме го научиле?

Овде ретко кој ќе го признае, но речиси сите следат едно непишано правило.

Ако веќе еднаш сте се фотографирале во одреден фустан, костим или палто, како да сте го „потрошиле“. Следниот пат кога ќе се појавите во истиот, неизбежно ќе се најде некој што ќе прокоментира: „Пак истото?“

Во Лондон, Мадрид, Копенхаген или Амстердам, ваков коментар би звучел чудно. Не затоа што Европејците немаат чувство за мода, туку затоа што нивното разбирање за стилот последниве години драматично се промени.

Денес, повторувањето на истата комбинација не се смета за недостаток на стил. Напротив, тоа стана симбол на самодоверба, финансиска зрелост и одговорност кон животната средина.

Тогаш, зошто Македонија сè уште живее според модни правила што Западот одамна ги напушти?

Брзата мода создаде огромен проблем

За да ги разјасниме нештата, според Програмата за животна средина на Обединетите нации (UNEP), модната индустрија создава меѓу 2 и 8 проценти од глобалните емисии на стакленички гасови, а годишно произведува повеќе од 90 милиони тони текстилен отпад. Голем дел од таа облека завршува на депонии или се согорува, иако е носена само неколку пати.

Европската агенција за животна средина предупредува дека просечен жител на Европската Унија годишно купува околу 19 килограми текстил, а создава околу 16 килограми текстилен отпад. Истовремено, производството на облека троши огромни количини вода, енергија и суровини, што ја прави текстилната индустрија една од најголемите загадувачи во светот.

Токму затоа Европската Унија ја постави циркуларната економија како една од своите клучни стратегии. Поправката, повторното носење, препродажбата и рециклирањето на облеката повеќе не се само моден тренд, тие стануваат економска и еколошка неопходност.

Луксузот денес значи да носиш помалку, ама подобро

Долги години статусниот симбол беше да се појавиш во нешто што никој претходно не го видел.

Денес, најлуксузните модни куќи испраќаат сосема поинаква порака. Инвестирај во квалитетно парче што ќе го носиш со години, наместо да купуваш десетици евтини парчиња што ќе ги облечеш еднаш.

Токму затоа во модната индустрија сè почесто се користи терминот „cost per wear“ – цена по носење. Ако палто чини 1.000 евра, но го носите 200 пати во следните десет години, неговата реална цена е само пет евра по носење. Наспроти тоа, евтина јакна што ќе ја облечете три пати може да излезе значително поскапа на долг рок.

Оваа филозофија ја прифаќаат и најбогатите луѓе во светот, бидејќи вистинскиот луксуз не е во количината, туку во трајноста.

Кралските семејства станаа најголемите амбасадори на повторувањето на облеката

Можеби најголемата иронија е што жените кои можат секој ден да носат нови креации вредни десетици илјади евра, свесно избираат да ги повторуваат.

Кетрин, принцезата од Велс

Кетрин е веројатно најпознатиот пример во современата мода.

Нејзиниот бел капут-фустан од Александар Меквин е виден најмалку четири пати на официјални настани.

Синиот вечерен фустан од Џени пакман го носеше на различни дипломатски приеми.

Темнозелениот капут од Хобс го комбинира со различни аксесоари уште од 2014 година.

Медиумите одамна престанаа да ја критикуваат. Напротив, секое ново појавување со стара комбинација се анализира како пример за одржлива мода.

Кралицата Летиција

Шпанската кралица редовно ги носи истите костуми од Хуго Бос, фустаните од Каролина Херера и чевлите од Магрит, комбинирајќи ги со различен накит или палта.

Кога во 2022 година повторно се појави во црвен фустан стар повеќе години, шпанските медиуми тоа го поздравија како доказ дека модата не треба да биде роб на новото.

Кралицата Максима

Максима од Холандија со години ги носи истите модели од Натан Котур, понекогаш и по десет години од нивното прво појавување.

Ниту еднаш тоа не било претставено како недостаток на средства или вкус.

Напротив, како зрелост.

Кралицата Мери од Данска

Позната е по тоа што повторува вечерни тоалети, палта и свечени фустани дури и на најважните државни настани, испраќајќи порака дека вредноста на едно парче не се мери според тоа колку пати е носено.

Психологијата- зошто мислиме дека сите гледаат што носиме?

Психолозите одамна го објаснуваат овој феномен преку таканаречениот „Spotlight Effect“ или когнитивна појава при која луѓето силно ја преценуваат количината на внимание што другите им ја посветуваат.

Истражувањата на Томас Гилович од Универзитетот Корнел покажуваат дека повеќето луѓе многу помалку ги забележуваат деталите кај другите отколку што ние мислиме.

Со други зборови, шансите некој навистина да запомнил дека истиот фустан сте го носеле пред шест месеци се многу помали отколку што си замислувате.

Но, во помалите општества, како македонското, ситуацијата е поинаква.

Социолозите зборуваат за силна култура на социјална контрола, каде што изгледот често служи како показател за статус, успех и финансиска моќ. Во такви средини, облеката лесно станува средство за добивање општествено одобрување, наместо личен израз.

Македонија и вече познатиот синдром „ама што ќе речат луѓето“

Во Македонија многу жени признаваат дека купуваат нов фустан исклучиво затоа што стариот веќе се појавил на фотографија на Фејсбук или Инстаграм.

Тоа не е моден проблем. Тоа е социјален притисок.

Кога просечните примања тешко ги следат растечките трошоци за живот, постојаното купување нова облека претставува и финансиски товар. Наместо внимателно инвестирање во квалитетни парчиња, често се троши на импулсивни купувања што брзо ја губат вредноста.

Токму ваквото однесување е спротивно на филозофијата на вистинскиот луксуз.

Модните експерти имаат јасен став

Британската дизајнерка Вивиен Вествуд остави една од најпознатите пораки за современата мода: „Купувајте помалку. Избирајте подобро. Направете да трае.“

Оваа реченица денес се смета за манифест на одржливата мода.

Слична порака испраќа и Орсола де Кастро, коосновачка на движењето Fashion Revolution: „Најодржливото парче облека е она што веќе го имате во плакарот.“

Нејзината мисла стана симбол на глобалното движење против прекумерната потрошувачка.

Новиот статусен симбол

Во минатото статусот се покажуваше со тоа колку нова облека имате.

Денес статусот сè повеќе се покажува преку тоа колку добро знаете да ја комбинирате онаа што веќе ја поседувате.

Значи, не премногу впечатливи логоа, туку квалитет, безвременски крој и долгорочна вредност.

Можеби е време да ја смениме дефиницијата за стил

Ако најпознатите европски кралици, принцези, милионерки и модни икони без двоумење ги носат истите креации повторно и повторно, тогаш не е дали е срамота да ја повторите комбинацијата.

Но зошто сè уште мислиме дека е?

Вистинскиот стил никогаш не зависел од бројот на нови фустани во плакарот. Тој отсекогаш зависел од самодовербата со која ги носиме.

Можеби токму затоа Европа денес ја слави жената што знае да ја носи истата креација десет пати, додека кај нас сè уште се восхитуваме на плакар полн со облека што ќе биде облечена само еднаш.

А можеби најголемиот луксуз во 21 век не е да купиш нов фустан.

Туку да имаш доволно самодоверба повторно да го облечеш. А зошто да не!

Небојша Толески