
Живееме во ера каде што визуелниот бучава ја замени елеганцијата, а потребата за внимание го „киднапираше“ личното изразување.
Ако прошетате низ македонските градови, посетите некој свечен настан или едноставно го отворите Инстаграм, ќе сфатите дека македонската сцена се наоѓа во постојана, трагикомична модна драма. (Ова не важи за сите, има исклучоци). Веќе не важи „Што е модерно?“, туку каде завршува автентичниот личен стил, а каде започнува евтиното правење „циркуз“ од себе?
„Стилот е начин да кажете кои сте, без притоа да морате да проговорите.“
– Рејчел Зое
Ако го примениме овој познат цитат на нашата локална реалност, за жал, мнозинството луѓе околу нас без зборови ни покажуваат само едно: „Очајно сакам да бидам забележан/а, по цена на сопствениот вкус.“
Еве неколку клучни апекти:
Психолошкиот феномен: Етикета како штит за безнадежноста
Психологијата на облекувањето кај нас има длабока дијагноза. Вртоглавата популарност на огромните, видливи логоа од луксузни брендови (честопати лоши копии од пазар) не е знак за престиж, туку е манифестација на длабока лична несигурност.
Кога поединецот нема изградено личен идентитет, карактер и естетски систем на вредности, тој се крие зад марката. Настанува психолошки трансфер: „Ако мојата маица го носи името на познат креатор, тогаш и јас вредам повеќе.“ Оваа компулсивна потреба да се „маркира“ сопственото тело е директен пат кон кичот, бидејќи вистинскиот стил не бара вербална или брендирана потврда. Тој се чувствува во сразмерот, во ставот и во кројот.
Социолошкиот апсурд: Синдромот „Да не речат дека немам“
Социолошки гледано, македонското општество сè уште страда од силен конформизам и ропство на туѓото мислење. Ова создаде два екстреми што еднакво го убиваат стилот. Прво, монотонија и униформираност. Потребата да се биде дел од „групата“ создаде армија од клонови. Сите носат исти патики, исти панталони и исти нијанси, плашејќи се дека кој било различен чекор ќе ги изложи на осуда.
Второ, свечен театрализам. Вториот екстрем се случува на свадби, матури и прослави, каде што настанот се претвора во фестивал на претерувањето. Синдромот „да се покаже сè што се има“ резултира со драматични фустани со пренагласени шлицови, непотребни кристали, тешка вечерна шминка во 12 часот напладне и костуми кои повеќе личат на сценски костими за циркус отколку на машка елеганција.
„Елеганцијата не значи да бидете забележани, туку да бидете запомнети.“
– Џорџо Амани
Македонската драма лежи токму тука, овде скоро сите сакаат да бидат забележани во првите три секунди, без разлика колку тоа изгледа агресивно за окото.
Замката на брзата мода: Евтин тренд наспроти трајна естетика
Еколошкиот и естетскиот колапс наречен Fast Fashion или брза мода дополнително ја докрајчи состојбата. Достапноста на евтина облека која ги копира високите модни писти создаде лажно чувство дека секој може да биде „модна икона“.
Но, постои огромна разлика помеѓу тоа да се следи тренд и да се има вкус. Трендот е конзумеристичка замка за тие што немаат идеја, стилот е филтер. Купувањето синтетички материјали со лош крој, само затоа што се популарни на ТикТок или Инстаграм, ги претвори улиците во изложба на неквалитет. Облеката повеќе не се носи да ја нагласи фигурата и анатомијата, туку да се исполни дневната квота за сликање.
Кичот како доминантна култура: Немање осет за простор и време
Најголемиот моден „грев“ на нашето поднебје е потполното отсуство на чувство за соодветност (дрес код).
Стилот не е само прашање на парчето облека, туку на контекстот. Кога на универзитетска катедра, во државна институција или на обично кафе се доаѓа во комбинации наменети за ноќен клуб, тоа не е „слобода на изразување“ туку тоа е непочит кон просторот и отсуство на основна култура. Стилизирањето стана парада на вулгарноста, каде што се мешаат вечерни тоалети со спортски парчиња, а разголената кожа се користи како единствен инструмент за атрактивност.
„Лошиот вкус е лесен за усвојување, бидејќи бара нула труд. Вкусот бара дисциплина, едукација и визија.“
Епилог: Како од „циркуз“ да се вратиме кон стилот?
Македонската модна драма нема да заврши сè додека не сфатиме една едноставна вистина, помалку е речиси секогаш повеќе.
Вистинскиот стил не бара милиони на сметката, ниту пак бара да ги следите сите трендови одеднаш. Тој бара авторефлексија, да знаете кој сте, што одговара на вашата градба, вашата професија и вашиот карактер.
Време е да ги симнеме маските на лажниот луксуз, да се ослободиме од потребата за евтина сензација и да го вратиме достоинството на облекувањето. Сè додека го избираме циркузот наместо мерата, ќе бидеме само пасивни актери во сопствената лошо режирана модна комедија.
Небојша Толески
Кичот како доминантна култура: Немање осет за простор и време