На прв поглед, нејзината силуета изгледа како да излегла директно од бајките на браќата Грим или од сценографијата за Пепелашка. Сина, транспарентна, зашилена и монументално висока, оваа гигантска висока потпетица се издигнува над брегот на градот Будаи во Тајван.
Во јавноста е позната како „Црква во облик на висока потпетица“, а благодарение на својата необичност веднаш стана глобална интернет-сензација и носител на Гинисовиот рекорд за најголема градба во форма на чевел во светот.
Но, зад оваа блескава фотогеничност, замислена како рај за венчавки и туризам, се крие длабоко трагична, заборавна и мрачна историска приказна.
Трагедијата зад стаклото: Болеста на црното стапало
За да се разбере зошто локалните власти во 2016 година решиле да подигнат градба во форма на женска висока потпетица, мора да се се вратиме во средината на 20 век. Крајбрежните региони на југозападниот дел на Тајван, вклучително и Будаи, беа погодени од застрашувачка епидемија позната како Болест на црното стапало (Blackfoot disease).
Поради децениско пиење вода од длабоки бунари преполни со арсен, кај илјадници жители се разви гангрена. Нивните екстремитети почнуваа да поцрнуваат, да гнијат и да изумираат. Единствениот начин да им се спаси животот беа итни ампутации на стапалата и нозете.
Оваа болест имаше посебно суров психолошки и социјален ефект врз младите жени. Во тогашното традиционално тајванско општество, губењето на ногата за младите девојки значеше отфрлање, срам и губење на секоја можност за брак. Зачувана е и потрагичната приказна за 24-годишна локална девојка која поради ампутацијата на нозете морала да ја откаже својата венчавка, по што го поминала остатокот од животот во црква, неомжена и осамна.

Архитектурата во форма на висока потпетица е замислена токму како споменик и омаж на овие жени, симбол на одземениот сон, на чевлите што никогаш не успеале да ги облечат и на чекорите што никогаш не ги направиле до олтарот.
Архитектонски аспект: Инженерски подвиг на чиста геометрија
Иако наликува на лесна, стаклена склуптура, од архитектонска и инженерска гледна точка, ова е исклучително комплексна метална и стаклена конструкција.
Градбата се издигнува на импресивни 17,76 метри височина (соодветно на зграда од околу пет ката), со должина од 25,16 метри од петата до врвот на прстите и ширина од околу 11 метри.
Носечкиот скелет е составен од точно 1.269 челични елементи. Конструкцијата користи систем на мрежа од дијагонали кои ја овозможуваат оваа заоблена, органска форма на чевел, истовремено обезбедувајќи максимална стабилност против силните крајбрежни ветрови и честите земјотреси што го погодуваат Тајван.
Прекривката се состои од точно 320 поединечни сини стаклени панели. Сината боја не е избрана случајно, таа ја рефлектира светлината на Океанот и Небото, создавајќи илузија дека чевелот е направен од кристал или мраз. Панелите се специјално калени и монтирани со суви спојки за да ја издржат соленоста на морскиот воздух.
Во внатрешноста, просторот е отворен, со високи тавани без меѓукатни конструкции, што овозможува сончевата светлина слободно да преминува низ синото стакло, исполнувајќи го просторот со надреална, синкава светлина.
Парадоксот на „Црквата“: Магнет за туристи, а не за молитва
И покрај тоа што во своето име го содржи зборот „Црква“, овој објект не е верски осветен ниту пак припаѓа на која било конфесија. Во него нема свештеници, икони, олтари или редовни неделни литургии.
Локалната управа за национално подобрување на туризмот го дизајнираше овој објект примарно како дестинација за романтичен туризам и венчавки. Внатрешноста е опремена со сценски подни инсталации, каде што младоженците можат да прават фотосесии и да одржуваат симболични церемонии. Атракција за инстаграм-фотографии. Градот Будаи, кој со децении страдаше од економска стагнација, преку оваа атракција успеа да привлекува стотици илјади туристи годишно.
Критики и контроверзи: Стилски трик или почит?
Кога објектот беше официјално отворен во февруари 2016 година, веднаш се соочи со поделини мислења од јавноста и фелата.
Критичарите тврдеа дека објектот е пример за евтин, комерцијализиран кич кој ја тривијализира страшната судбина на жртвите од болеста на црното стапало, претворајќи една длабока човечка трагедија во „шарена позадина за селфи“.
Поддржувачите, пак, ја бранеа идејата како модерен начин на трансформација на болката во убавина, издигнување на заборавените приказни на површина преку уметност и архитектура која на регионот конечно му донесе економски замав.
Без оглед на тоа дали ќе ја набљудувате како архитектонски подвиг, комерцијална атркација или монумент на страдањето, Стаклената чевличка во Тајван останува еден од најнеобичните споменици на денешницата, потсетник дека зад најгламурозните форми понекогаш се кријат најтешките приказни.