Модната магија во Милано започна, а Fashionel е во срцето на случувањата. Нашиот ексклузивен известувач, Стејси, пристигна во модни парчиња на ЕЛЕНА ЛУКА кои зрачат со авангарда и софистициран гламур.
Волуменозната брокат јакна на ЕЛЕНА ЛУКА со впечатлив крој и драматични ракави внесува луксузна, футуристичка нота, додека црните панталони создаваат совршена рамнотежа. Високите чизми со остар врв додаваат моќ и урбан шик, а плетената капа внесува уметничка и модерна нишка. Како завршен допир, чантата на ЕЛЕНА ЛУКА со колоритен цветен принт го разигрува овој урбан изглед.
Бидете со Fashionel, бидејќи Стејси ќе ве води низ највозбудливите моменти од Миланската модна недела, откривајќи ги најновите трендови, ексклузивните ревии и модните случувања што ја обликуваат светската сцена.
Во продолжение прочитајте што Стејси ни спакува како осврт на првиот ден од Миланската модна недела.
Милано пополека го расчистува воздухот – дишејќи мода
Живееме во модни времиња кои клокотат во неизвесност, каде играта на „музички столици“ помеѓу модните куќи кои ја свират „музиката“ и креативите директори кои се борат за своето „столче“ ја дефинира естетиката која сите ние ја впиваме и со нетрпение очекуваме.
Па првиот ден на Миланската модна недела за сезоната есен/зима 2025 беше токму тоа – неизвесност за тоа што може да се очекува од брендовите кои прикажуваат на официјалниот календар на Camera Moda, додека се прославуваат многу годишнини и се крунисува одржливоста.
Некаде помеѓу новите естетики и задржување на препознатливиот имиџ на куќите, куќата на Алберта Ферети ја прикажа првата колекција под дизајнерската палка на Лоренцо Серафини, K-Way ја прославија својата 60-годишнина, магазинот Elle за 80-годишнината ги собра своите уредници од целиот свет, а Dsquared2 ја крунисаа вечерта со драма по повод 30-годишнината од брендот.
Но модната недела традиционално започна со отворањето на Fashion Hub – платформа за млади дизајнери и дизајнерски решенија кои своето место го посакуваат или гледаат во рамки на приказната на миланската мода.
Со свежи дизајнерски идеи изреализирани преку одржливи материјали и решенија, десетина млади имиња на модната сцена ги промовираа и ентузијастички презентираа своите дизајни во бројните простории на Palazzo Affari. Во рамки на приватниот настан по повод отворањето претседателот на Camera Moda, г-динот Carlo Capasa преку индивидуални разговори ги прегледа нивните реализации поттикнувајќи ги нивните желби.
Во ексклузивно интервју за Fashionel претседателот Капаза изрази радост за новите генерации:
„Новите генерации нудат свежи идеи и решенија кои го движат модниот свет, а поголемите куќи се обидуваат да изнајдат свои верзии на одржливост кои ќе ги имплементираат во нивните традиционални методи на изработка.“
Иако како за прв ден модните настани беа значително помали по број, не изостануваа иконичните презентации кои брендовите ги преферираат, со оглед на фактот дека избраните посетители ќе може да ги прегледаат, почувствуваат и одблизу видат парчињата и колекциите кои се изработени.
Како една од повпечатливите ја издвојуваме онаа на брендот Emporio Sirenuse, кој во својот подем сепак милува да создаде интимна презентација на селектирани модели, изработени во микс на класични крути форми од твид, спарени со нежни бохо женствени линии.
Ревиските претставувања се, како и секогаш, грандиозни случувања, а во едно такво издание на извонреден склоп Fashionel беше дел од ревијата на брендот Iceberg.
Дизајнерот Џејмс Лонг, кој активно креативно го освежува брендот низ сите негови линии, пред само еден месец најави враќање на линијата „Iceberg Jeans“, со што нé тера да помислиме дека иако континуирано свртено кон новитети, сепак во основната ДНК на брендот е традицијата – особено во новата есен/зима 2025 колекција.
Во ексклузивно интервју за Fashionel Лонг изјави дека е важно да се одржува традиционалниот look на брендот кој се негува, и дека тоа апсолутно не е креатива на само еден човек, заблагодарувајќи му се на својот тим во неколку наврати.
Извонредни стајлинг решенија активно вибрираа помеѓу панк и пош, нудејќи нослива структурираност и младешки шик. Флуидни панталони со низок струк беа спарени со скроени палта, набрани мини беа покриени во макси плетен комфор, ребрастите плетенини започнуваа од морнарски јаки, а плетениот воз успешно го обмотува целиот аутфит… но и целата приказна.
Автор: Анастасија Стејси Марш Богдановска
Повеќе фотографии од објективот на Fashionel, за време на Миланската модна недела и ревијата на Iceberg се достапни тука: